ХАСАКА (АА) – Терористичката организација ПЈД/ПКК всадува организациска идеологија и милитантство во децата во основните училишта на местата што ги контролираат, на северот од Сирија. САД, кои даваат воена поддршка за растот на организацијата, во училиштата на терористичката организација со хеликоптери донесоа еден милион книги испечатени во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Продолжената рака на ПКК во Сирија, ПЈД, која заканувајќи им се со оружје ги замолкна сите опозициски групи во гратчето Хасеке, спроведува цврста идеолошка едукација врз децата од основните училишта.
Според информациите до кои дојде новинарот на АА, преку анонимни наставници и претставници на училиштето, кои биле тргнати од функција, организацијата досега отстранила голем дел од вработените и наставниците во основните училишта кои биле на функција за време на режимот.
На нивните места, наводно, организацијата распределила околу 7 илјади свои симпатизери, кои претходно поминале низ тримесечна обука, според наставна програма и учебници што ѝ припаѓаат на самата организација.
- Негативни пораки за исламот, пофални за заратустризмот -
Земајќи ја етничката припадност како основа, организацијата на децата им влева милитаристичка свест со предрасуди кон исламот.
Книгата „Општествени науки“ за четврто одделение, во која се застапува ставот дека исламот моментално скршнува од својот пат, им влева несигурност на муслиманските деца.
Во врска со божјиот пратеник Мухамед, во книгата стојат следниве информации:
„Во времето на Мухамед, исламот беше на прав пат. Исламот е монотеистичка религија и етимолошки значи ‘мир’. Но, по Мухамед, исламот почна да се злоупотребува. Од страна на некои луѓе почна да се вади од контекстот на мир и еднаквост и почна да се користи како основа за судири и убиства“.
Дефиницијата за заратустризмот, пак, во книгата гласи вака: „Ги оценува сите случувања, дали се тие добри или лоши. Ја поттикнува добрината и чува од злото. Поради ова, овие ставови и верувања се многу влијателни“.
Во друг дел од книгата се зборува за тоа дека Курдите се оштетени од ширењето на исламот.
„Кога окупаторските арапски муслимански лидери пристигнаа, Курдите беа независни. Имаше независни курдски единства. Курдската национална култура и заратустризмот беа широко распостранети. ... Најпрво, за време на калифатскиот османлиски период, една војска го нападна Курдистан. Курдите дадоа отпор, меѓутоа ја изгубија војната и станаа муслимани“, стои во книгата.
- Лидерот на организацијата стана „главен наставник“ -
Еден курдски наставник, кој сака да остане анонимен во својата изјава рече дека на учениците им го наметнуваат лидерот на ПКК.
„Секој ден, пред да почнат часовите, нашите деца ги тераат да ги изговараат слоганите: ’Нема живот додека нашиот лидер Оџалан не го ослободат’ и ’Да живее борбата на ПЈД’. На овие деца им се врежува слоганот ’Главен наставник е Оџалан’ и на секоја манифестација им ставаат во рацете транспаренти со овој слоган“, објаснува наставникот.
Од друга страна пак, во книгите што се задолжителни во образованието заземаат место и цитати од лидерот на ПКК.
- Деца облечени во униформи на организацијата -
На насловната страница на учебникот за општествени науки, како и во учебникот по курдски јазик за шесто одделение (27 – 38. страница), стојат фотографии на кои се прикажани деца облечени во униформа на ПКК. На ваков начин, на децата им се всадува милитаризам уште на почетокот од нивниот живот.
Генерално на децата им се всадува организациската идеологија преку изучување на маршовите „Работа и борба“ и „Јас сум сведок“, кои заземаат место во учебниците.
Меѓу другото, во книгите има и поезија во врска со загинатите во судирите во Сирија.
- Забранети училиштата за малцинствата -
Родителите кои сакаат да ја избегнат пропагандата на организацијата, своите деца ги испраќаат во ерменски, или во други христијански училишта. Меѓутоа, организацијата им се заканува на овие родители, како и на управителите на овие училишта.
Еден родител, кој сака да биде анонимен изјави: „Малцинските училишта не сакаат да ги примат нашите деца затоа што организацијата веднаш се меша. Им се закануваат и ним и нам дека ќе нѐ казнат. Дури на почетокот, кога почнаа некои деца да учат во овие училишта, шоферот што го возеше училишниот автобус доби парична казна и закана за затвор. Значи, нема алтернатива. Сите сме принудени да ги испраќаме децата во училиштата на организацијата“.
ПКК/ПЈД организираше упад во приватното училиште „Надеж и мир“ во Камишли на 9. октомври, во приватниот колеџ „Еуфрат“ на 10. октомври и во приватното ерменско училиште на 24. октомври. Организацијата им се закани на управителите на училиштата дека ќе ги затвори доколку примаат курдски ученици.
Организацијата вчера, го затвори училиштето Манахил Елбир во гратчето Хасака, поради различната наставна програма што се спроведува во училиштето. Околу 2 илјади деца останаа без училиште.
- Милион книги донесени со американски хеликоптер -
Соединетите Американски Држави, кои даваат силна воена и логистичка поддршка на организацијата во регионот, ѝ помогнаа во набавувањето на книгите што се наметнуваат во училиштата.
Минатиот вторник, во гратчето Румејлан, на триаголникот од границата Турција – Сирија – Ирак, пристигна карго со американски воени хелихоптери.
Според локалните информации до кои дојде АА, станува збор за околу еден милион книги, кои се испечатени во Ирак, а ќе се користат како учебници во основните училишта.
Според локалните информации, организацијата интензивно се подготвува да ги трансформира и средните училишта во Хасака.