Erbil Başay
02 Јуни 2019•Ажурирај: 04 Јуни 2019
БЕРЛИН (АА) - Претседателката на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), Андреа Налс, најави дека ќе поднесе оставка поради минатонеделниот неуспех на европските парламентарни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Налс изјави дека утре и официјално ќе поднесе оставка на функцијата претседателка на СПД, партија која е коалициски партнер на германската канцеларка Ангела Меркел.
Таа, исто така најави дека во вторник ќе поднесе и оставка на функцијата шефица на клубот на пратеници на СПД во Бундестагот, за да го овозможи процесот на избор на нов лидер на партијата.
Социјалдемократската партија на Германија, на минатонеделните избори за Европскиот парламент го оствари најлошиот резултат досега, што предизвика незадоволство и бурни расправии во таа политичка опција.
Социјалдемократите на европските парламентарни избори освоија 15,8 отсто од гласовите, а на претходните избори пред пет години имаа поддршка од 27,3 отсто од гласачите.
Налс, на чело на партијата е избрана во април минатата година, а денеска ги повика сите во партијата со конструктивно дејствување да помогнат во изборот на нов шеф на партијата и да не дозволат ескалација на несогласувањата.