James Kunda
24 Ноември 2026•Ажурирано: 24 Ноември 2026
Замбија и Турција вчера се согласија да ја зајакнат соработката во развојот на водната инфраструктура, инвестициите, трансферот на технологии и отпорноста на климатските промени, јавува Анадолу.
Договорот беше постигнат на средбата во Лусака меѓу амбасадорот на Турција во Замбија, Хусеин Барбарос Дикле, и министерот за развој на водните ресурси и санитација на Замбија, Елиша Матамбо.
Според соопштението од неговиот кабинет, Матамбо ги посочил изградбата на брани, собирањето и складирањето вода, наводнувањето, водоснабдувањето и санитацијата во урбаните и руралните средини, управувањето со отпадните води, технологиите за третман на водата и инфраструктурата отпорна на климатските промени како клучни области за можна соработка.
„Матамбо ја потврди подготвеноста на Министерството за тесна соработка со турската Амбасада со цел идентификување конкретни области на соработка што би можеле да се преточат во практични програми, инвестиции и проекти“, се наведува во соопштението.
Тој, исто така, го поздравил зголеменото учество на турските компании и инвеститори во водниот сектор и секторот за санитација во Замбија, истакнувајќи дека таквите партнерства би можеле да помогнат во мобилизирањето финансиски средства, техничка експертиза, современи технологии и иновативни решенија.
Во соопштението се наведува дека Дикле ја потврдил континуираната поддршка на Турција за развојот на водниот сектор во Замбија, посочувајќи дека неговата земја има богато искуство и експертиза во управувањето со прекуграничните водни ресурси.
Тој, исто така, ја изразил подготвеноста на Турција да ја поддржи Замбија во подготовките за копретседавање со интерактивниот дијалог за водата во рамките на Конференцијата на ОН за води во 2026 година, што ќе се одржи во декември во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати.