Elena Teslova
25 Април 2023•Ажурирај: 26 Април 2023
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана денес соопшти дека нападите на Украина врз Црноморската флота го загрозиле продолжувањето на Договорот за жито, јавува Анадолу.
Истрагата за неодамнешните напади врз руските објекти откри дека украински автономни возила ги извршиле овие напади од пристаништето во Одеса, кое се користи за спроведување на иницијативата за пренос на жито преку Црното Море, се вели во соопштението на Министерството.
Министерството истакна дека нападите биле извршени на 23 март и на 24 април и дека Украина го користела хуманитарниот коридор, кој исклучително се користи за целите на Договорот за жито, за да изврши напади со беспилотни летала.
„Терористичките акции на режимот во Киев го загрозуваат следното продолжување на Договорот за жито по 18 мај“, соопшти Министерството.
Во октомври минатата година Русија го суспендира спроведувањето на Договорот за жито по нападите со беспилотни летала на Украина врз Црноморската флота и цивилните бродови што, според Министерството, беа вклучени во обезбедувањето на безбедноста на „коридорот за жито“.
Договорот беше обновен по добивањето гаранции од Туркије и писмените обврски од Украина да не ги користи хуманитарниот коридор и украинските пристаништа за воени операции против Руската Федерација.
Туркије, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа Договор во Истанбул минатиот јули за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море, кои беа прекинати по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година, што ја влоши глобалната потенцијална криза со храна.
Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар за да ја надгледува испораката, со претставници од трите земји и ОН.