Bilal Güler
26 Декември 2020•Ажурирај: 27 Декември 2020
ТЕХЕРАН
Иранскиот претседател, Хасан Рохани, изјави дека преземаат огромни напори за неутрализирање на американските санкции, кои се пречка во борбата против пандемијата на коронавирусот во Иран, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Според иранската новинска агенција ИРНА, Рохани во Техеран претседавал со состанокот на Националниот совет за борба против Ковид-19.
Рохани притоа рече дека благодарение на преземените мерки, во земјата повеќе нема региони во црвената зона, а намален е и бројот на региони во портокаловата зона на ризик. Порача дека граѓаните и понатаму треба да се придржуваат до мерките за да бидат уште поуспешни во борбата против пандемијата.
Тој истакна дека САД им го отежнуваат купувањето на вакцините против Ковид-19 од странство.
„Постапуваме согласно со упатствата на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи, со цел санкциите да бидат неутрализирани. Кога во земјата влегуваат пари и кога стоката се извезува, знајте дека со часови се бориме тоа да се реализира“, објасни Рохани.
Истакна и дека се претпазливи во врска со новата варијанта на коронавирусот што се појави во Велика Британија.
„Иран сака да развие домашна вакцина, но во исто време вложуваме напори да купиме вакцини“, рече Рохани.
Наведувајќи дека работат на тоа вакцините што ќе ги одобри Министерството за здравство на Иран успешно да бидат доставени во земјата, истакна дека на тој пат на некој начин ќе ги совладаат санкциите и препреките од САД.
Рохани потенцираше дека новиот начин на живот во некои области поради пандемијата сигурно ќе остане на подолг рок, додавајќи дека ќе биде зголемено и нивото на дигитализација во државните служби и дека граѓаните ќе бидат многу повнимателни кога станува збор за здравјето.
Во 2015 година беше потпишан меѓународниот нуклеарен договор, а американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, во 2018 година објави дека САД се повлекуваат од тој договор и ги обнови санкциите кон Иран.