КУАЛА ЛУМПУР (АА)
- Омер Фарук ЈИЛДИЗ
Културното и историското богатство на Турција има свој голем восхитувач и љубител, на оддалеченост од половина свет, кој поточно е член на кралското семејство на Малезија.
„Јас сум љубител на турската уметност и занаетчиство, како и на турската историја и култура“, изјави малезиската кралица Тунку Азиза Амина Маимуна Искандарија за Агенција Анадолија (АА).
„Јас навистина го ценам богатиот турски вез и свечените дизајни што се користат во турските палати и историски градби.“
Тунку Азиза - сопруга на малезискиот крал Ал-Султан Абдула Ри’ајатудин ал-Мустафа Билах Шах - исто така рече дека е голема обожавателка на турските ТВ-серии, особено Курулуш Осман, Дирилиш Ертугрул и 1.001 ноќ.
Кралицата, која од Светскиот занаетчиски совет беше именувана за Лице на годината во областа на занаетчиството за 2019 година, рече дека „навистина го цени богатиот турски вез и свечените дизајни што се користат во турските палати и историски градби“.
„Се восхитувам на начинот на кој во турските дизајни се вметнати исламските мотиви, а многумина можеби и не знаат за тесните историски односи помеѓу [малезиското] кралско семејство Јохор и турското кралско семејство.“
Таа додаде дека нејзиниот прапрапрадедо, султанот Ебу Бакар, се оженил со Турчинка, покојната Султана Хатиџа.
Тој, исто така, бил близок со големиот османлиски султан Абдул Хамид II - кој владееше од 1876-1909 година - „толку многу што кога мојот прапрапрадедо, султан Ебу Бакар, почина во Лондон [во 1895 година], султанот Абдул Хамид го испрати својот муфтија и турските великодостојници да ги извршат погребните обреди пред да биде вратено телото во Јохор.“
Кралицата рече дека со голем интерес го гледа Пајитахт: Абдул Хамид, позната турска ТВ-серија за животот на отоманскиот султан Абдул Хамид II. „Затоа што ги препознавам моите предци и нивните убави обичаи“, објасни таа.
„Всушност, тоа е исто така начин на поврзување со моите сестри кога разговараме за турските серии.“
Кралицата е љубител и на турската кујна и сака да гледа видеа за готвење на турските специјалитети.
„Би сакала да зборувам и да разбирам турски затоа што сакам да гледам видеа за подготвување на турска храна. Но, најмногу уживам кога ги гледам сериите ‘Дирилиш‘ и ‘Курулуш‘ “, додаде таа, споменувајќи уште две популарни турски серии.
Тунку Азиза е толку голем љубител на турската уметност и занаети, што секоја година нарачува турски продукти како подароци за своето семејството за муслиманскиот свет месец Рамазан.
Кралицата Тунку Азиза во разговорот со новинарот на АА го истакна своето воодушување од рачно изработените производи што ги порачува од Турција и турската култура и историја.
Зборувајќи за рачно плетената чанта изработена од дизајнерката Ѓулеѓул Каја што ја забележала на инстаграм, кралицата рече: „Откако на социјалната мрежа ја забележав оваа чанта и нејзиниот прекрасен дизајн веднаш ја порачав. Кога ја порачував, Ѓулеѓул не знаеше која сум.“
Таа додаде дека повеќепати правела планови да ја посети Турција, но дека сè уште немала можност да го стори тоа.
„Еден од моите соништа е да останам во Турција еден месец и да ги истражам сите историските и културните места. Кога претседателот на Турција дојде во посета, ние веќе планиравме да патуваме за Турција, но патувањето мораше да се одложи поради пандемијата“, рече таа.
Мерве Кавакчи, амбасадорката на Турција во Малезија, за АА изјави дека кралот и кралицата требало да ја посетат Турција на 23 март на покана на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Додека ги спроведувавме активностите за реализирање на посетата, се соочивме со реалноста на пандемијата на Ковид-19, бидејќи тој месец се рашири брзо надвор од Кина“, рече Кавакчи.
„Имајќи ја предвид ситуацијата, ја одложивме оваа посета за 2021 година. Ако даде Бог, ќе бидат гости на нашата земја во наредните месеци“, додаде таа.
news_share_descriptionsubscription_contact
