Ekip
07 Февруари 2018•Ажурирај: 07 Февруари 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Во воздушните и копнените напади на режимот на Башар ал-Асад во Источна Гута која е под блокада во сирискиот главен град, Дамаск, загинаа 23 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарите на АА во Источна Гута информираа дека режимот на Башар ал-Асад од утринските часови врши интензивни воздушни и копнени напади во овој регион.
Според информациите до кои дојде АА од изворите на Цивилната заштита, во нападите извршени во населените места во Источна Гута животот го загубија 23 лица. Пет лица од кои две деца загинале во Дума, десет лица од кои четири деца загинале во Бејт Сава, додека во Хамурије загинале осум лица.
Тимовите на Цивилната заштита продолжуваат со спасувачките операции, а се вели дека можно е да се зголеми бројот на загинатите.
Во вчерашните напади на режимот на Асад во Источна Гута загинаа 74 цивили.
Бројот на загинатите во нападите извршени во последните 2 дена се зголеми на 97 жртви.
Во Источна Гута, која е под контрола на опозицијата, живеат околу 400.000 цивили од кои половина се деца.
Источна Гута на преговорите во Астана беше прогласена за зона без судири. Но, режимот на Асад, чија земја-гарант е Русија, од април минатата година ја интензивираше блокадата во подрачјето, додека во последните месеци ги интензивираше и нападите.
Илјадници болни лица чекаат да бидат евакуирани од регионот, од кои стотици имаат потреба од итна евакуација. Повеќето од болните се деца или заболени од канцер. Голем број деца и бебиња во Источна Гута починаа од глад и недостаток на лекови.