Mohamad Misto,Selen Temizer,Marietka Petrovska
06 Февруари 2018•Ажурирај: 07 Февруари 2018
АФРИН/АНКАРА (АА) - МУХАМЕД МИСТО/СЕЛЕН ТЕМИЗЕР - Терористичката организација ПЈД/ПКК премести во Африн околу 500 терористи од сириските подрачја како Хасеке и Ајн ел Араб, во име на „посета за солидарност на цивилите“, јавува Anadolu Agency (AA).
ПЈД/ПКК минатата недела соопшти дека во северните подрачја што ги има под своја окупација, ќе одржи конвој на солидарност во Африн.
Според информациите до кои дојде АА од безбедносни извори во Африн и Хасеке, голем број лица кои со возила тргнале од населените места што се под окупација на ПЈД/ПКК како што се Дарбасије, Маликије, центарот на Хасеке и Кахтаније, претходниот ден пристигнале во Ајн ел Араб (Кобани) кој се наоѓа на границата со Турција.
Конвојот што се состои од стотици автобуси и возила, на кои им се приклучија и други возила од Ајн ел Араб, во доцните вечерни часови пристигна во Африн.
Во конвојот што пристигна во Африн, поминувајќи низ патиштата што се под контрола на режимот на Асад, учествуваа најмалку 2.000 лица.
Извори од Африн соопштија дека дел од конвојот се состои од доброволци, додека еден значаен дел се состои од службеници и ученици кои биле принудени од страна на ПЈД/ПКК да се приклучат на конвојот.
Во конвојот, исто така, беа присутни околу 500 терористи собрани од различни места. Се дознава дека еден мал дел од групата што влезе во Африн, кој брои околу 500 лица, е составена од нови членови на организацијата.
ПЈД/ПКК минатата недела организираше демонстрации во местата што ги има под своја окупација, под името „Солидарност со Африн“, во кои ги натера да учествуваат службениците и учениците, и нареди да се затворат сите работни места.
Во веста на АА објавена на 21 јануари 2018 година беше соопштено дека Асадовиот режим им дозволува на припадниците на ПЈД/ПКК во центарот на градот Алепо да ги користат копнените патишта за испорака на помош во Африн.