Sibel Uğurlu
06 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, имаше телефонски разговор со британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, во врска со неодамнешните политички случувања, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според палестинската официјална новинска агенција „WAFA“, Абас ја потврдил посветеноста на палестинското раководство кон дводржавното решение и Палестинска држава во рамки на границите пред 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град.
Абас изјави дека Палестина е подготвена да преговара со Израел за да се постигне решение базирано на Арапската мировна иницијатива, резолуциите за меѓународна легитимност и Патната карта.
Џонсон, исто така, ја нагласи посветеноста на неговата земја за дводржавното решение и важноста на напорите за пронаоѓање мирно решение за конфликтот на Блискиот Исток.
Во декември минатата година, американскиот претседател, Доналд Трамп, ја објави одлуката за признавање на Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел и плановите да ја премести американската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим.
Британската премиерка, Тереза Меј, рече дека одлуката на Трамп не била од помош во однос на напорите за мир во регионот.
Таа изјави дека британската Амбасада во Израел се наоѓа во Тел Авив и дека немаат планови да ја преместат.
Одлуката на Трамп предизвика осуда и протести низ арапските и муслиманските земји.
Ерусалим (Кудс) останува во сржта на израелско-палестинскиот конфликт, а Палестинците се надеваат дека Источен Ерусалим (Кудс), кој моментално е под окупација на Израел, ќе биде главен град на идната палестинска држава.