Murat Ünlü
12 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
ПАРИЗ (АА) - Поради протестите кои се одржуваат низ Франција поради најавените реформи кои ги поддржува претседателот Емануел Макрон, е парализиран сообраќајот во Париз, јавува Anadolu Agency (AA).
Поради штрајкот, кој започна на повик на најголемиот работнички синдикат ЦГТ, а кој се однесува на вработените во метрото во главниот град на Франција, имаше задоцнувања и во тој јавен превоз.
Возачите на камиони го блокираа сообраќајот на авенијата Елисејски полиња, една од најважните улици во Париз. А учениците од некои средни училишта направија барикади пред училиштата, приклучувајќи им се на протестите на овој начин.
Се очекува дека илјадници луѓе ќе присуствуваат на протестната прошетка, најавена во попладневните часови.
Исто така, се очекуваат околу 180 протести во сите големи француски градови како Париз, Марсеј, Лион, Тулуз и Нант.
Францускиот премиер Едуар Филип минатиот месец откри 36 реформски мерки кои ќе бидат претставени во форма на пет уредби.
Тие обезбедуваат поголема флексибилност за работодавачите при одредувањето на платите и условите за работа, им дозволуваат на малите претпријатија со помалку од 20 вработени директно да преговараат со вработените, без интервенција на синдикатите, на компаниите им даваат поголема слобода во однос на вработувањата и отпуштањата и ја ограничуваат отпремнината за неправично отпуштање.
Според Макрон и Филип, реформите имаат за цел да го модернизираат законот за работни односи на 3.500 страници.
Филип Мартинез, претседател на ЦГТ, кој е поврзан со Комунистичката партија, реформата ја нарече социјални државен удар.
Франција има стапка на невработеност од 9,5 отсто, што е двојно повеќе од другите големи европски економии, како што е на пример Германија. Макрон вети дека ќе ја намали стапката на 7 отсто до 2022 година.
Одредбите на реформите на 22 септември треба да бидат одобрени од страна на Националното собрание, каде што Макрон го има мнозинството.
Анкетата објавена вчера покажа дека протестите најавени за денес имаат поддршка од 57 отсто од испитаниците, што е сепак помалку од 65 отсто анкетирани, колку што ги поддржаа демонстрациите против реформата на законот за работа на претходната француска влада.
Следните протести најавени од лидерот на крајната левица, Жан-Лук Меленхон, се закажани за 23 септември.