Şerife Çetin
12 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека поголемиот дел од децата бегалци кои се обидуваат да стигнат во Европа се изложени на злоупотреба, и упати апел до Европската Унија (ЕУ) за создавање „безбедносни коридори“, јавува Anadolu Agency (AA).
Фондот за деца при ОН (УНИЦЕФ) и Меѓународната организација за миграција (ИОМ) објавија извештај под наслов „Трогателни патувања: Децатa бегалци на медитеранската рута се во опасност од злоупотреба и киднапирање“.
Во овој извештај се наведува дека 75 отсто од бегалците на возраст од 14 до 24 години се изложени на принудна работа, сексуална злоупотреба, малолетнички брак, како и на други злоупотреби.
Според овој извештај, особено се во опасност децата бегалци од Супсахарска Африка, а злоупотребувани се и 83 отсто од децата бегалци што од Либија се обидуваат да стигнат во Европа.
Исто така, се истакнува дека расизмот игра улога во однесувањето со децата бегалци.
- За жал, насилството стана рутинска практика -
Директорот на УНИЦЕФ во Европа, Афшан Хан, истакна дека европските власти треба да преземат повеќе мерки во врска со опасностите со коишто се соочуваат децата и младите бегалци на патот кон Европа.
„За жал, стана рутинска практика однесувањето со коешто се соочуваат децата бегалци што ја користат медитеранската рута, како злоупотреба, киднапирање, тепање и дискриминација“, додаде Хан.
- „ЕУ треба да ги заштити децата бегалци“ -
Хан нагласи дека лидерите на ЕУ треба да најдат трајно решение за безбедни и легални рути за миграција. „Наместо да ги приведува децата бегалци, ЕУ треба да создаде безбедносни коридори“, вели Хан.
Според податоците на УНИЦЕФ објавени во мај, се претпоставува дека бројот на децата бегалци без придружник во 2015-2016 година изнесува 300.000.