Ikrame Imane Kouachi
26 Ноември 2026•Ажурирано: 26 Ноември 2026
Израелската армија денес детонирала минско поле западно од градот Ал-Рафид, во јужната сириска провинција Кунејтра, според сириските медиуми, пренесува Анадолу.
Сириската државна телевизија Ал-Ихбарија објави дека израелските сили детонирале минско поле западно од Ал-Рафид, во тампон-зоната што ја раздвојува Сирија од окупираната Голанска Висорамнина.
Телевизискиот канал не даде детали за причините за детонацијата ниту, пак, дали има жртви или е предизвикана материјална штета.
Во друг инцидент во руралниот дел на Кунејтра израелските сили вчера ослободиле сириски државјанин откако претходната вечер го привеле при упад во градот Џабата ал-Хашаб, објави телевизијата.
Израел окупира поголем дел од сириската Голанска Висорамнина од 1967 година. По падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година, Израел прогласи дека Договорот за раздвојување на силите од 1974 година е неважечки и ги презеде тампон-зоната и други позиции.
Силите на ОН за набљудување на раздвојувањето повеќепати соопштија дека со израелските движења во тампон-зоната се прекршува договорот.