Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
ИДЛИБ (АА) - Во нападот врз цивилното население што го изведоа силите на режимот на Башар Ал Асад и терористичките групи поддржани од Иран во подрачјето на „зоната на намалување на тензиите“, животот го загубија 2 лица, а има голем број ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимот на Асад и странските терористички групи поддржани од Иран изведоа топовско гранатирање на местата Хан Шејхун и Серакиб во областа Идлиб и местата Латамина и Кефер Зита, сместени во северниот дел на областа Хама.
Во изјавата што за АА ја даде директорот на Цивилната одбрана на Идлиб („Бели шлемови“), Мустафа Хаџ Јусуф, се вели дека силите на режимот уште од утринските часови започнале со интензивно гранатирање на населените места во областите Идлиб и Хама.
„Во нападите што започнаа во утринските часови во местото Хан Шејхун, сместено во зоната за намалување на тензиите во Идлиб, животот го загубија двајца цивили. Има голем број ранети“, изјави Хаџ Јусуф.
Од почетокот на годината досега, во нападите што силите на режимот ги изведоа во зоната за намалување на тензиите што се наоѓа во областа Идлиб, животот го загубија најмалку 94 цивили, а повеќе од 290 цивили се ранети.
Режимските сили продолжуваат со нападите, и покрај постоечкиот Договор меѓу Турција и Русија потпишан во Сочи за воспоставување на примирје во подрачјето на Идлиб.
Според Договорот од Астана, Русија, која е гарант на режимот на Асад, има обврска да ги спречи нападите на режимот.
На 10 октомври 2018 вооружената опозиција го повлече тешкото вооружување од подрачјето, што е во согласност со Договорот потпишан на 17 септември 2018 година.