свет

Претседателските избори во Боливија закажани за март 2020 година

Дводомното Собрание на Боливија има 20 дена да избере нов комесар за изборите, кој ќе распише избори за 48 часа

Beyza Binnur Dönmez  | 02.12.2019 - Обновена : 02.12.2019
Претседателските избори во Боливија закажани за март 2020 година

АНКАРА (АА) - Привремената влада на Боливија објави дека во март 2020 година ќе бидат одржани општи избори, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Ќе започнеме со одбројување од 23 декември. Имаме четири месеци до 23 април да го заклучиме овој процес“, изјави Херхес Атала, началник на Кабинетот на Привремената влада, јавува телевизијата „Телесур“ со седиште во Каракас.

Според изборниот закон на земјата, на победничките кандидати им се потребни повеќе од половина од гласовите или 40 отсто со 10 поени предност во однос на второпласираните.

Тој потсети дека дводомното Собрание на Боливија има 20 дена да избере нов комесар за изборите, кој ќе распише избори за 48 часа.

Самопрогласената привремена претседателка на Боливија, Жанин Анес, го одобри законот минатата недела, со кој се бара нови претседателски избори. Се забранува кандидатурата на секој што бил на функцијата претседател два последователни мандата, што автоматски од претседателската трка го исклучува поранешниот претседател Ево Моралес.

Превирањата во Боливија започнаа во октомври, кога домородниот лидер го освои својот четврти претседателски мандат и се соочи со отпор од опозициските партии, кои ги оспорија изборните резултати. Демонстрантите излегоа на улиците тврдејќи дека гласачките ливчиња се фалсификувани.

По повеќедневните превирања, Моралес под притисок на Војската поднесе оставка и замина во Мексико, каде што му беше понуден политички азил. Конзервативката Анес, која во тоа време беше сенаторка, се прогласи за привремена претседателка.

Меѓутоа, уследи нов бран демонстрации, овој пат на симпатизерите на Моралес, кои излегоа на улиците во многу боливиски градови, вклучувајќи го и главниот град Ла Пас. Поддржувачите на Моралес инсистираат дека соборувањето на избраниот, сега поранешен претседател, претставува државен удар.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.