Elena Teslova
23 Март 2023•Ажурирај: 24 Март 2023
МОСКВА (АА) - Претседателката на Молдавија, Маја Санду, го одобри парламентарниот декрет за замена на јазикот на државата од молдавски на романски, пренесува Анадолу.
„Потпишав закон кој ја потврдува историската и непобитна вистина: официјален јазик на Молдавија е романскиот. Сакам романскиот јазик да нè обедини сите нас кои живееме овде и ја сакаме оваа земја“, напиша Санду на Фејсбук.
Санду истакна дека преименувањето на молдавскиот во романски јазик ќе го „обедини општеството“.
Предлог-законот беше усвоен со гласовите на прозападната Партија за акција и солидарност, и предизвика жестоки дебати и протести во главниот град Кишињев.
Пратениците на опозицискиот Блок на комунисти и социјалисти одбија да учествуваат во гласањето, нагласувајќи дека иницијативата е во спротивност со Уставот, во кој стои дека државниот јазик е молдавскиот.
Опозицијата најави дека планира да го оспори потегот пред Уставниот суд на Молдавија.
Одредени територии на Молдавија пред 1940 година беа дел од Романија, а Букурешт продолжува да ги смета за свој дел и ја промовира идејата за обединување.