Meryem Göktaş
17 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
АНКАРА/КИШИНЕВ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денес, за време на посетата на Молдавија изјави дека турскиот народ од молдавските пријатели очекува подготвеност за полна поддршка во борбата против терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во Молдавија се состана со претседателот на оваа земја, Игор Додон, а по состанокот истакна дека од пријателите очекува да бидат подготвени да помогнат во заедничката борба против терориститена ФЕТО, и тоа без двоумење.
„Тоа е терористичка организација која се инфилтрираше во сите пори на турската држава, а особено во Армијата, полицијата и правосудството. Оваа организација сега тоа истото може да го стори и во Молдавија“, предупреди Ердоган.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, стојат зад обидот за државен удар во Турција кој се случи на 15 јули 2016 година за време на кој се убиени 251 лице, а околу 2.200 беа ранети.
Ердоган денес најави дека турските банки „Halk Bank“ и „Ziraat Bank“ ќе отворат свои филијали во Молдавија.
Од друга страна, молдавскиот претседател Додон истакна дека Република Турција значително помогнала во воспоставување на силна и стабилна Молдавија.
„Турција за нас претставува пример како се штитат националните интереси и како се креираат односи“, изјави Додон.
Додон, исто така рече дека на колегата Ердоган му ветил дека автономијата на Гагаузија ќе биде заштитена со Уставот на Молдавија, а станува збор за регион во кој доминантно живее турското население Гагауза.
Ердоган денес допатува во дводневна официјална посета на Молдавија, а ќе се состане и со премиерот на оваа земја, Павел Филип и со Ирин Влах, челничката на автономниот регион Гагаузија.