Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
20 Декември 2021•Ажурирај: 21 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Како два стратешки партнери, Турција и Малезија денес соопштија дека се договориле да работат на дополнително унапредување на соработката во сите области, а особено во одбранбената индустрија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние сме решени да ги унапредиме нашите односи на секој фронт кога станува збор за особено добро искористување на нашиот потенцијал во претстојниот период“, рече турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на заедничката прес-конференција во Анкара со неговиот малезиски колега Сејфудин Абдула, кој престојува во официјална посета на Турција.
Истакнувајќи дека со својот малезиски колега разговарале за економијата, трговијата со домашни валути, инвестициите, здравството, одбранбената индустрија, безбедноста и за борбата против тероризмот, Чавушоглу нагласи: „Малезија е наш главен трговски партнер во АСЕАН (Асоцијацијата на земји од Југоисточна Азија), регион од 650 милиони луѓе“.
Со зголемување на обемот на трговската размена меѓу двете земји во првите 11 месеци од оваа година за 7 отсто во споредба со минатата година, Чавушоглу нагласи дека тој обем пораснал за над 30 отсто на 3,5 милијарди долари.
По порастот на билатералната трговска размена за над 30% во првите 11 месеци од оваа година на 3,5 милијарди долари, Чавушоглу додаде: „Мораме да ја зголемиме оваа бројка на 5 милијарди долари, а потоа на 10 милијарди долари. Нашиот договор за слободна трговија треба да се прошири со цел да ги вклучи услугите за е-трговија“.
За соработката во одбранбената индустрија, Чавушоглу рече дека турските компании се „заинтересирани за тендери во одбранбената индустрија за Малезија“.
„Некои од нашите компании добија тендери во минатото и овие компании ги испорачаа производите пред крајниот рок. Имаме многу други компании кои влегуваат во различни тендери... И малезиските инвестиции во нашата земја се во пораст“, рече тој.
Турскиот министер изјави дека Турција е подготвена да пружи секаков вид помош на Малезија и на нејзините граѓани кои овие денови се погодени од поплави.
„Малезија не е важна држава само во регионот, туку и во целиот исламски свет. Таа има клучна улога во Југоисточна Азија. Малезија е пријателска и братска земја на Турција. Одлучни сме во дополнителното унапредување на соработката на сите полиња“, порача Чавушоглу.
Коментирајќи ги и регионалните теми, Чавушоглу кажа дека Турција прави големи чекори кон зајакнувањето на регионалната стабилност и доверба. Истакна дека во тој контекст е покренат процес на воспоставување директни контакти со Ерменија и најави можно скорешно воспоставување на директна авионска линија помеѓу Истанбул и Ереван.
Турскиот министер се осврна и на ситуацијата во Авганистан и кажа дека шефовите на дипломатиите на Организацијата за исламска соработка (OIC) од вчерашниот самит пратија силна порака на одлучност да се помогне во зачувување на интегритетот на Авганистан и просперитетот на братскиот народ.
„Нашите експерти вечерва одат во Доха на разговор за управувањето со аеродромот во Кабул. Потоа заедно ќе одат и во Кабул на разговор со привремената Влада на Авганистан. Доколку се исполнат нашите барања, со Катар би можеле да го преземеме управувањето со аеродромот во Кабул. Во наредните денови ќе знаеме повеќе за тоа“, рече Чавушоглу.
Тој додаде дека министрите за надворешни работи на Турција, Индонезија, Катар, Кувајт, Узбекистан и Пакистан ја разгледуваат идејата за заедничка посета на Кабул за директно да ја пренесат пораката на привремените талибански власти, но и пораката на солидарноста со авганистанскиот народ.
Малезискиот шеф на дипломатијата, Сејфедин Абдула, истакна дека Малезија има одлични односи со братска Турција и додаде дека имал исклучително конструктивна и плодна средба со колегата Чавушоглу. Тој нагласи дека една од темите била и што побрза подготовка за идниот договор за слободна трговија.
„Внимателно го следиме лидерството на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во рамки на исламскиот свет. Во таа смисла, Турција навистина презема еден вид на лидерство и мислам дека исламскиот свет би требало да работи заедно и да соработува. Секако, постојат официјални платформи како што е Организацијата на исламска соработка. Турција игра важна улога во тие платформи, но во истовреме очекуваме одредено лидерство на Ердоган во прашањата како што се Авганистан и Палестина“, кажа Абдула.
Шефот на малезиската дипломатија во Анкара беше примен и од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.