Ata Ufuk Şeker
23 Март 2023•Ажурирај: 24 Март 2023
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на земјите од Европската Унија (ЕУ) се состанаа во Брисел за да разговараат за економијата, конкурентноста на индустријата, банкарската и енергетската криза и поддршката што треба да ѝ се пружи на Украина, јавува Анадолу.
Самитот на лидерите на ЕУ во Брисел започна со учество на шефовите на државите или владите на 27 земји членки на ЕУ.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, ќе присуствува на првиот дел од Самитот, со кој ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел.
Лидерите ќе разговараат за важни геополитички прашања како руско-украинската војна и глобалните проблеми, како што се климатските промени, а ќе биде оценета и обезбеденоста со храна и Договорот за коридорот за жито преку Црното Море.
Ќе разговараат и за војната во Украина. На тој дел од Самитот преку видеолинк ќе се приклучи и украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Лидерите на ЕУ ќе разговараат и за други прашања како што се продолжување на поддршката на ЕУ за Украина, за муницијата и оружјето. Ќе стане збор и за миграциите.
Главна тема на Самитот ќе биде економската ситуација и конкурентноста на Европа. Лидерите ќе разговараат за чекорите што треба да се преземат за зголемување на конкурентноста на европската индустрија.