Riyaz Khaliq Khaliq
03 Септември 2021•Ажурирај: 05 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Јапонскиот премиер Јошихиде Суга денеска соопшти дека нема да се кандидира за раководството на неговата партија, практично откажувајќи се од премиерската функција, откако се соочи со жестоки критики за начинот на справување со пандемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Планирав да се кандидирам, но справувањето со Ковид-19 и изборите ќе бараат огромно количество енергија. Заклучив дека не постои начин да се постигнат и двете, дека морам да изберам“, рече Суга за новинарите во Токио.
„Решив да се фокусирам на мерките за коронавирусот“, јави новинската агенција „Кјодо“, цитирајќи го.
Владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) ќе ги одржи своите претседателски избори за да го избере наследникот на Суга на 29 септември. Премиерот во моментов е и претседател на партијата, а неговиот мандат завршува на 30 септември.
Претходно, Суга изјави дека има намера да се кандидира за втор мандат.
Суга дојде на чело на партијата минатата година по ненадејната оставка на неговиот претходник Шинзо Абе, кој се повлече од премиерската функција поради здравствени причини.
Изборите доаѓаат во време кога рејтингот на Суга е намален, главно поради начинот на кој неговата администрација се справува со пандемијата на Ковид-19, која ја зафати здравствената и финансиската инфраструктура на третата по ред светска економија.
Некандидирањето за раководното место на партијата во Јапонија, исто така, значи дека Суга нема да ја задржи премиерската функција.
Суга денеска имаше обраќање на вонредниот состанок на извршниот одбор на ЛДП на кој рече дека „ќе го отслужи својот мандат до 30 септември“.
Според Кабинетот на премиерот, Јапонија од почетокот на пандемијата досега има регистрирано 1.524.679 случаи на Ковид-19 и 16.184 смртни случаи.