Saadet Firdevs Aparı
08 Јули 2022•Ажурирај: 09 Јули 2022
АНКАРА (АА)
Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе почина денес на 67-годишна возраст, откако беше застрелан за време на говор во градот Нара, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Шинзо Абе, поранешниот премиер, кој беше застрелан со пиштол за време на говор, почина во болница во градот Кашихара, префектурата Нара, каде што беше хоспитализиран“, потврди еден од функционерите на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), пренесе државната телевизија НХК (NHK).
Абе бил примен во болница во критична состојба, а лекарите пет часа се бореле за неговиот живот.
Како што јави државната телевизија НХК, Абе бил застрелан во градите на настан на отворено организиран од Либерално-демократската партија, со цел да го поддржи својот кандидат во изборната кампања.
Според очевидци, се слушнале најмалку два истрела пред Абе да падне на земја. Крварел, а напаѓачот пукал во него од зад грб.
„Тој беше без свест и не реагираше“, наведоа тие.
Напаѓачот е идентификуван како 41-годишен Тетсуја Јамагами, жител на градот Нара.
В недела во Јапонија ќе се одржат избори за Сенатот, а Абе водеше кампања за кандидатите на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП).
Шинзо Абе, кој беше премиер од 2012 до 2020 година, е премиер со најдолг стаж во историјата на Јапонија. Абе пред две години поднесе оставка од здравствени причини.