Zuhal Demirci
08 Јули 2022•Ажурирај: 10 Јули 2022
ЛОНДОН (АА) – Спроведената анкета по оставката на британскиот премиер Борис Џонсон како лидер на владејачката Конзервативна партија покажа дека британскиот министер за одбрана, Бен Валас, е кандидат фаворит за лидер на партијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во анкетата на британската компанија за истражување на јавното мислење „ЈуГов“, спроведена со 716 членови на Конзервативната партија, Валас го зазеде првото место со 13 отсто од гласовите.
По Бен Валас, следуваат Пени Мордаунт со 12 отсто од гласовите, Риши Сунак со 10 отсто и Лиз Трас со 8 отсто.
Меѓу кандидатите во анкетата се најдоа имињата Мајкл Гов, Доминик Раб и Том Тугендат.
Пратеникот Тугендат вчера прв ја соопшти својата кандидатура за лидер на партијата.
– „Во меѓувреме, доколку ги оставиме државните институции празни, јавноста нема да ни прости“
Министерот за одбрана, Валас, чија популарност се зголеми со улогата што ја имаше во одговорот на Велика Британија на Руско-украинската војна, вчера одби да поднесе оставка.
Педесет и девет пратеници, меѓу кои и високи министри, си заминаа пред оставката на Џонсон.
„Некои од нас, кој и да е премиер, имаат одговорност да ја чуваат оваа земја безбедна. Партијата има механизам за менување лидери, и моите колеги ги советував да го користат токму тој механизам. Во меѓувреме, доколку ги оставиме државните институции празни, јавноста нема да ни прости“, рече Валас.
– Продолжува дебатата за тоа дали Џонсон ќе остане премиер
Од друга страна, продолжуваат дебатите за тоа дали Џонсон ќе остане премиер сѐ додека не се избере новиот партиски лидер.
Џонсон во својот говор по оставката најави дека ќе продолжи да ја извршува функцијата премиер додека не се избере нов партиски лидер.
Продолжуваат повиците и од неговата партија и од опозицијата да се повлече од премиерската функција.
Еден од портпаролите на Кабинетот на премиерот вчера нагласи дека Џонсон е решен да продолжи како премиер додека не се избере нов лидер.
Поранешниот британски премиер Џон Мајор истакна дека „не е мудро и не е одржливо“ Џонсон да остане на власт неколку месеци.
Кеир Стармер, лидерот на главната опозициска Лабуристичка партија, исто така наведе дека би можел да побара гласање за доверба доколку Џонсон веднаш не се повлече од функцијата.