Mücahit Aydemir
08 Јули 2022•Ажурирај: 10 Јули 2022
АЛ КУДС (АА)
Новинарот и колумнист Јоси Мелман напиша дека израелската војска на клада запалила и закопала 20 египетски војници за време на војната во 1967 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новинарот на весникот „Једиот ахронот“ на Твитер напиша дека израелската војска живи ги запалила и во масовна гробница без обележје ги закопала египетските војници во местото Латрун, западно од Ал Кудс (Ерусалим).
Тој наведе дека израелските власти по 55 години ставиле крај на цензурата и дека вистината излегла на виделина.
Мелман своите тврдења ги заснова на сведочењето на поранешниот израелски воен функционер Зема Блох (90), кој зборувал за ужасните настани од Шестдневната војна во 1967 година.
„Избувнаа судири во кои на израелска страна учествуваа израелски војници и членови на Нашон Кибуц. Некои египетски војници избегаа, некои беа заробени, а некои храбро се бореа. Тоа беше сушен период, а Израелската армија во еден момент со гранати ги запали грмушките на поширокото подрачје на кое беа египетските војници“, наведе Мелман.
Во тој момент Блох бил командант на левичарската ционистичка група Нашон Кибуц, а во разговорот со Мелман рекол дека огнот брзо се проширил и дека египетските војници немале шанси живи да излезат од огнот.
„Израелските војници дојдоа следниот ден со булдожери и ископаа јама во која ги закопаа останките на изгорените египетски војници без ознаки. Блох и некои членови на Нашон Кибуц со чудење го следеа овој чин на Израелската армија, која ги зеде пронајдените лични работи на египетските војници“, рече Мелман.
„Превезот на тишината за ова им одговараше на сите. Малкумина луѓе кои знаеја не сакаа да зборуваат за тоа. Бевме засрамени. Но пред сѐ, тоа беше одлука на Израелската армија среде војна“, рече Блох во интервју за Мелман.