Ekipa
07 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
МОГАДИШУ (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш ја започна итната посета на Сомалија, во којашто изминатите недели завладеа глад, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Луѓето умираат. Светот мора да делува веднаш, за да го запре тоа. Мораме за ова да зборуваме најгласно што можеме. Конфликти, суша, болести, климатски промени... Оваа комбинација е вистински кошмар”, рече Гутереш пред пристигнувањето во Могадишу, главниот град на Сомалија, барајќи меѓународна поддршка на ОН за давање храна и хуманитарна помош за Сомалија.
Првиот човек на ОН денеска ќе се сретне со новоизбраниот претседател на Сомалија, Мохамед Абдулах Мохамед.
„Носам порака за солидарност и поддршка за претседателот. Се надевам дека ќе ја започне инклузивната влада”, рече Гутереш.
Сомалија, заедно со Нигерија, Јужен Судан и Јемен, е една од четирите земји во кои е прогласена глад и за која Генералниот секретар на ОН побара помош од 4,4 милијарди долари.
Изминатиот викенд властите во земјата објавија дека за период од 48 часа од глад починале 110 лица.
Обединетите нации проценуваат дека околу 5 милиони луѓе во Сомалија имаат потреба од помош, за да се избегне глад од катастрофални размери.