Ali H. M.Abo Rezeg
07 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
МОСУЛ (АА) - Најмалку 72.000 раселени лица се вратиле во источниот дел на Мосул, кој ирачката армија успеа да го ослободи од членовите на терористичката организација ДЕАШ, соопшти Министерството за миграција на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Од западниот дел на Мосул во моментов се раселени 57.000 лица, а вкупниот број на оние што го напуштиле градот е 287.000. Најмалку 72.000 луѓе доброволно се вратија во своите домови во ослободените области во источен Мосул“, изјави за АА портпаролот на ирачкото Министерство за миграции, Сатар Новруз.
Новруз додаде дека Министерството ја испратилo првата пратка од 35 тони храна и хуманитарна помош во областа Вади Хаџар, во западниот дел на Мосул.
Според податоците на ОН, околу 750.000 цивили во западниот дел на Мосул се соочуваат со сериозна хуманитарна криза.
Терористите на ДЕАШ од летото 2014 година го контролираат вториот по големина ирачки град Мосул.
По тримесечни операции, ирачките сили со поддршка од страна на меѓународната коалиција го ослободија источниот дел на Мосул во јануари, а на 19 февруари започна операцијата за ослободување и на центарот на градот, кој се наоѓа на западниот брег на реката Тигар.
Операциите се во тек, а ирачките сили бележат напредок, но најголем проблем во ослободувањето на градот се цивилите што терористите ги користат како жив штит.