Yusuf Özcan
26 Ноември 2021•Ажурирај: 29 Ноември 2021
ПАРИЗ
На островот Мартиник, една од прекуокеанските територии на Франција, воведен е полициски час поради насилствата настанати за време на демонстрациите организирани против воведувањето здравствена книшка за Ковид-19 како дел од борбата против епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид -19), известува Агенција Анадолија (АА).
Гувернерството на Мартиник се огласи со писмено соопштение во кое се наведува дека од 22 ноември досега се случиле насилни инциденти, при што било спроведено насилство врз безбедносните сили и врз јавноста.
Во соопштението се наведува дека се воведува полициски час во периодот од 19:00 до 5:00 часот додека не се воспостави ред и мир, а споделена е и информацијата дека во нередите се приведени 11 лица и запленето е големо количество оружје.
Во соопштението се вели дека слободата на дејствување е основно право, но дека не треба да се применува насилство.
За време на протестите против воведувањето здравствена книшка за Ковид-19, на островот се запалени голем број возила и корпи за отпадоци, а биле поставени и барикади на патиштата.
Во соопштението што го дадоа одговорните за безбедноста на островот се наведува дека е пукано врз безбедносните сили и противпожарните екипи кои дошле навечер за да го изгаснат огнот во населбата Сен-Терез каде што се одвивале настаните.
- Полициски час беше воведен и на островот Гвадалупе
На францускиот остров Гвадалупе неколку дена се случуваа насилни настани за време на демонстрациите против воведувањето здравствена книшка за Ковид-19. По овие настани беше прогласен полициски час во периодот од 18:00 до 5:00 часот.
Во рамките на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, потребно е да се приложи документ за потполна вакцинација при влез во затворени простории, како што се ресторани, кафеани, кина и музеи со капацитет од над 50 луѓе.
Луѓето кои немаат извршено потполна вакцинација, мора да приложат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или да докажат дека прележале Ковид-19 во последните 6 месеци.
Во рамките на спроведувањето на новата регулатива, воведена е обврска за вакцинација против Ковид-19 и на вработените во домовите за стари лица и во болниците и на пожарникарите. Ова правило од август се применува и во Франција.