свет

МИСЛЕЊЕ - КОП26: Дали светските сили „ќе ги преточат зборовите во дела“ за намалување на користењето фосилни горива?

Додека многу од светските водечки произведувачи и корисници на фосилни горива, како што се САД, Кина и Индија, имаат економска корист од тоа, таквото богатство би можело да ги поддржи поранливите делови од светот

Jonathan Fenton-Harvey  | 26.11.2021 - Обновена : 28.11.2021
МИСЛЕЊЕ - КОП26: Дали светските сили „ќе ги преточат зборовите во дела“ за намалување на користењето фосилни горива?

Пишува: Џонатан Фентон-Харвеј

- Авторот е истражувач и новинар фокусиран на конфликтите и геополитиката на Блискиот Исток и во Северна Африка, особено со регионот на Персискиот Залив.

ИСТАНБУЛ (АА) - На крајот од двонеделната Конференција на Обединетите нации (ОН) за климатските промени, КОП26, во Глазгов, конечно се постигна договор. Тој вклучува итни скратувања на емисиите, намалување на употребата на јагленот, најлошото фосилно гориво за стакленички гасови и обврзување за поголема финансиска поддршка за земјите во развој за да им се помогне да се приспособат на климатските промени, со цел задржување на глобалното затоплување под 1,5 степени Целзиусови. И покрај загриженоста дека договорот не стигнал далеку, претседателот на КОП26, Алок Шарма, потврди дека „историскиот“ договор ги „одржува 1,5 степени на дофат“, надевајќи се дека ќе го намали количеството стакленички гасови во атмосферата.

Помеѓу примарните цели на КОП26 беше да обезбеди нулта емисии на јаглерод диоксид до 2050 година, со клучен напор да ја задржи глобалната температура под 1,5 степени Целзиусови и да ги заштити заедниците од влијанието на климатските промени. Ако затоплувањето надмине 2 степени Целзиусови и не се одржува на 1,5 степени, тоа ќе резултира со екстремни суши и недостиг на вода, губење и изумирање на видовите и биодиверзитетот, закана за безбедноста на храната низ светот и можна причина за невидена глобална миграција.

- Ветувања за намалување на користењето фосилни горива -

Додека многу од светските водечки произведувачи и корисници на фосилни горива, како што се Соединетите Американски Држави (САД), Кина и Индија, имаат економска корист од тоа, таквото богатство би можело да ги поддржи поранливите делови од светот. Всушност, и покрај тоа што договорот е финализиран во Глазгов, тој не обезбеди доволно инфраструктура или обнова на областите погодени од климатските промени.

Многу критики од неуспесите на Самитот се посочени кон Кина и Индија. И двете држави интервенираа да се измени формулираноста на Договорот во Глазгов, кој сега подразбира дека „постепеното намалување“ на употребата на јагленот е подобро од „постепеното исфрлање“ на фосилните горива како што се планираше на почетокот. Понатаму, Кина е најголем емитер на јаглерод диоксид во светот, додека Индија е трета по ред.

Индија е една од најголемите корисници на фосилни горива. На крајот од 2020 година, околу 70 проценти од електричната енергија на Индија доаѓаше од јаглен, што ја откри важноста на штетните фосилни горива во јакнењето на економијата на Индија, на којашто отпаѓаат околу 11,6 проценти од глобалната потрошувачка на јаглен. Сепак, Индија најави дека ќе се обиде тоа да го сведе на нула до 2070 година. Премиерот Нарендра Моди даде ветување на Самитот во Глазгов, што е првпат Индија да постави таква цел.

- Премалку, предоцна -

Сепак, целите на Индија можат да се сметаат како задоцнети. Таа најави дека ќе се префли на 50 проценти фосилни горива до 2030 година, додека нејзината цел да достигне нето-нула е две декади зад онаа на западниот свет. Сепак, Моди на Самитот се обиде да зборува во име на земјите во развој и побара од западните земји да обезбедат поголема технолошка и финансиска поддршка на посиромашните земји, за да им помогне да постигнат нето-нула. Додека западните земји навистина треба да ја преземат одговорноста во поддржување на земјите во развој, со оглед на нивното сопствено профитирање од фосилните горива, желбата на Индија да одржи клучен дел од нејзината економија, очигледно ги попречува напорите.

Во меѓувреме, Кина објави планови за неутрализирање на јагленот до 2060 година, десет години по поставените цели на САД и ЕУ. Пекинг често презентираше проактивен пристап за справување со климатските промени. Во низата на изминати обврзувања, претседателот Кси Ѓинпинг во видео упатено кон Генералното собрание на ОН на 22 септември 2020 година рече дека Кина има за цел да стане „јаглеродно неутрална“ пред 2060 година. Тој најави дека пред 2030 година ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид.

Кина направи некои ветувачки чекори кон диверзификацијата од фосилните горива. Еден од нејзините чекори кои се за пофалба е иницијативата да направи електрични возила, автомобили кои ќе сочинуваат околу 40 проценти од продажбата на автомобили до 2030 година.

Сепак, многу проекти на Кина се веројатно за нејзина домашна корист, бидејќи таа сѐ уште финансира и профитира од прекуморските проекти со јаглен. Кина, исто така, одби да се придружи кон договорот со околу 100 други држави за ограничување на метанот, друг штетен стакленички гас, и наместо тоа, планира да спроведе национален план за контрола на метанот.

- Земјите богати со нафта и зелената економија -

Како земја која е богата со нафта, Саудиска Арабија е помеѓу најголемите кориснички и произведувачи на фосилни горива, бидејќи нафтата претставува значаен дел од нејзината економија, а со тоа и политичката стабилност. И покрај тоа што Ријад нагласи дека ќе се движи кон нулта користење до 2060 година, во рамките на неговата „Визија 2030“ за диверзификација на својата економија подалеку од нафтата, кралството е четврти најголем потрошувач на нафта во светот, а оваа реалност се заснова на обвинувањата дека се обидува да ги блокира конструктивните разговори на КОП26.

Меѓународната соработка за постигнување на нето-нула е важна и има ветувачки промени, како што е договорот помеѓу САД и Кина да ја поттикнат климатската соработка во наредната деценија. Сепак, Самитот разбирливо е наречен разочарувачки, бидејќи сѐ уште има празнини во борбата против глобалното затоплување. Додека светските сили се обидуваат да му дадат приоритет на профитот од повеќе штетни извори на енергија, ова ќе биде главна пречка. Одлуките во поголем дел се во рацете на развиените земји кои досега имале корист од фосилните горива и сега е редот на овие светски сили драстично да ги намалат емисиите за да ја направат глобалната нето-нула реалност.

*Мислењата изразени во овој текст се исклучиво на авторот и не ја рефлектираат нужно уредувачката политика на Агенција Анадолија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.