ИДЛИБ (АА) - Планот за распоредување на турските вооружени сили (ТСК) во подрачјето на Идлиб, во рамките на договорот од Астана за создавањето зона без судири, кај локалното население ја зголемува надежта дека конечно ќе имаат безбеден живот, јавува Anadolu Agency (AA).
Цивилите од местото Дарет Изе, кое спаѓа во руралниот дел на Алепо, за АА дадоа своја процена за распределувањето на турските вооружени сили во областа и за формирањето набљудувачки точки со цел да се следи прекинот на огнот од страна на силите на режимот, во формираните зони без судири, и за намалување на тензиите во Идлиб.
Мухамед Абас, директор на болницата Кинан која се наоѓа во подрачјето, изјави: „Со сигурност можам да кажам дека ТСК ги направи сите потребни подготовки пред да влезе во подрачјето. Посакуваме турската војска тивко и без судири да го изврши своето распределување“.
Абас (45) истакна дека распределувањето на турските воени сили е во рамките на договорот од Астана за зони без судири, додавајќи дека судирите ќе прекинат по распределувањето.
„Нашето подрачје има посебна положба. Од една страна ги имаме ПКК, а од друга страна силите на режимот. Постојано сме жртва на нападите од страна на режимот. Доколку ТСК се распореди, судирите ќе престанат“, додаде Абас.
Агит Решит (18) изјави дека распределувањето на ТСК во Идлиб ќе значи крај за нападите од страна на режимот и крај на безбедносните проблеми.
„За нас најважно нешто е да нема авиони над нашите глави. Прекинот на уривањата и смртта се нашата единствена желба. Доколку турската војска не влезе во Идлиб, судирите и убивањата ќе продолжат. Авионите ќе нѐ надлетуваат и нашите домови ќе бидат уривани“, истакна Решит.
- „Животот ќе се врати во нормала“ -
Џемил Дервиш (48) изјави: „Заедно со распоредувањето, повторно ќе се активираат институциите што не функционираа. Болниците, училиштата, редовно и безбедно ќе можат да ја извршуваат својата функција“.
Дервиш истакна дека со радост ќе ја пречекаат турската војска и додаде: „Турската војска во Идлиб ќе го смени нашиот живот за 180 степени. Ќе им се вратиме на нашите активности, на безбедниот живот, исполнет со вообичаеното секојдневие. Животот ќе се врати во нормала“.
Здравствениот работник Абуд Хулу (21) истакна дека со влегувањето на ТСК во Идлиб ќе настанат позитивни измени во секојдневиот живот. „Се ќе биде подобро, животот ќе биде поубав. Луѓето мирно ќе спијат, нема да има напади. Ќе има сѐ, храна, образование, училишта“, вели Хулу.
„Доколку турската војска не се распредели во областа, авионите повторно ќе нѐ нападнат, бомбардирањата ќе продолжат. Доколку ја нема турската војска, ќе продолжат судирите на периферијата од градот. ПКК сака да ја освои планината Шех Берекет. Од оваа планина се гледа цел Идлиб. Ние сме против влегувањето на ПКК“, рече Хулу.
- „Мигрантите ќе се вратат во своите домови“ -
Мухамед Мустафа (АА) изјави: „Заедно со влегувањето на ТСК, очекуваме животот да се врати во нормала, а училиштата и универзитетите повторно да се отворат“.
Мустафа смета дека распределувањето на турските елементи на одредени точки во Идлиб ќе овозможи локалните собранија да ги спроведат обрските што ги имаат. „Ќе престанат миграциите поради бомбардирањата. Мигрантите ќе се вратат во своите домови. Тоа го очекуваме“, рече Мустафа.
Тој, осврнувајќи се на заканата од терористичката организација ПКК/ПЈД изјави: „Доколку терористите повторно дојдат во нашето подрачје, тогаш одново ќе имаме бомбардирања. Луѓето ќе мигрираат, а куќите ќе се уриваат. Најголемата цел на ПКК е да ја заземе планината Берекет, за да може оттаму да се рашири по цел Идлиб. Очекуваме тоа да се спречи“.
- „Ќе биде спречено ширењето на ПКК во Идлиб“ -
Јахја Љуле (49), службеник по професија изјави:
„Со распределуваањето на турската војска, нема да настанат само измени во Идлиб. Животот ќе се врати на целата територија на која ќе биде распределена турската војска. Целата област ќе биде активна, повторно ќе заживеат здравствените и образовните услуги. Ќе бидеме среќни. Седум години сме жртви на воздушни напади. Се надевам дека ТСК ќе се распредели во областа и луѓето ќе се вратат во своите домови. Ќе бидат воспоставени безбедност и мир. Нашата единствена молитва до Бога е во Идлиб да се распредели ТСК и да бидат спасители на народот“.
„ПЈД планира територијата на Курдистан да ја поврзе со Средоземното Море. За остварување на таа цел, оваа терористичка организација планира да ја преземе контролата прво над планината Берекет и како второ, подрачјето на Дарет Изе. Со преземањето на оваа планина, ќе имаат целосна контрола врз Идлиб и околината. Распределувањето на ТСК ќе го спречи ширењето на ПКК во Идлиб. Терористичката организација, благодарение на поддршката што ја добива од страна на Израел и од САД стана помоќна од нас. На подрачјата кои се под нивна контрола се спроведуваат насилства и не постојат човекови права. Спроведуваат неосновани измачувања и убиства со ладно оружје, пресекувајќи им ги грлата на жртвите“, вели Љуле за аспирациите на ПКК/ПЈД во Идлиб.
ТСК ќе се распредели во околината на Идлиб, во рамките на договорот од Астана, кој беше постигнат со Русија и Иран, другите две земји- гаранти за прекинот на огнот во зоната без судири.
Според постигнатиот договор меѓу Турција, Русија и Иран, зоната без судири ги опфаќа подрачјата на Идлиб и неговата околина, потоа соседно Алепо и одредени делови од Латакија и Хама.
Целта на распределувањето на турските воени елементи на оваа територија е да се зголемат активностите околу воспоставениот прекин на огнот меѓу режимот и опозицијата, да се стави крај на судирите, да се овозможи испорака на хуманитарна помош, создавање соодветни услови за враќање на миграните во сопствените домови, како и поддршка за да се создадат соодветни услови за изнаоѓање мировно решение за кризата во Сирија.