Cüneyt Karadağ
06 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
БЕРЛИН (АА) - Поддржувачите на терористичката организација ПКК физички го нападнаа германскиот новинар Мартин Лежен во Бремен, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарот Лежен беше брутално претепан вчера, пред судот во Бремен, каде што го следеше првото рочиште од судењето во врска со убиството на 15-годишниот сириски мигрант Одеиј Калед, кое во новогодишната ноќ го сторија поддржувачите на ПКК.
Лежен е хоспитализиран со потешки физички повреди, а на социјалната мрежа „Facebook“ (Фејсбук) денес објави снимки на коишто се видливи последиците од нападот што се случи откако судијата му рекол да излезе од судницата и надвор да почека да биде повикан за да даде исказ во својство на сведок.
„Додека излегував, ме навредуваше група од публиката. По излегувањето пред судот видов 4-5 полициски возила. Покрај полицискиот автомобил ми се приближи група од 5-6 лица, еден ме држеше, а другите ме тепаа. Паднав, но тие продолжија да ме удираат во главата. Се плашев дека ќе ме убијат, но ме спасија група граѓани кои го видеа настанот. Полицијата не стори ништо и не ги фати напаѓачите“, напиша Лежен.
Тој истакна дека и сирискиот тинејџер Калед бил убиен во сличен напад, и оти групата што го претепала била токму како групата на којашто ѝ се суди во процесот во којшто сведочи.