Ekipa
27 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
БАГДАД (АА) - Најмалку три лица се повредени во ракетен напад извршен врз американската Амбасада во Багдад, соопшти ирачки полициски извор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од безбедносниот извор, неидентификувани лица утринава истрелале пет ракети „катјуша“ во заштитената Зелена зона во ирачкиот главен град, од кои некои директно ја погодиле американската Амбасада, што доведе до пожар во ресторанот во комплексот на Амбасадата.
„Во ракетниот напад врз зградата на американската Амбасада и нејзината околина се повредени три лица кои веднаш биле евакуирани од страна на Американците“, изјави полициски извор за АА, под услов да остане анонимен.
Изворот не ја откри националноста на трите повредени лица, ниту пак колку тешко се повредени.
„Американските сили, задолжени за заштита на Амбасадата, ги заштитија сите патишта што водат кон неа и воспоставија строги безбедносни мерки по ракетниот напад“, изјави изворот.
Ирачкиот премиер Адил Абдул-Махди претходно го осуди нападот и нареди оние што се одговорни да се доведат пред лицето на правдата.
Абдул-Махди предупреди дека продолжувањето на ова неодговорно однесување може да доведе до сериозни реперкусии и да им наштети на повисоките интереси на земјата и нејзините односи со нејзините пријатели.
Никој не ја презеде одговорноста за нападот што се случи по два дена откако илјадници Ирачани се собраа во Багдад и ги повикаа американските трупи да ја напуштат земјата.
Присуството на странските трупи во Ирак излезе на површина откако врховниот ирачки командант Касим Сулејмани беше убиен на почетокот на овој месец во напад со американско беспилотно летало на Меѓународниот аеродром во Багдад.