Burak Bir
27 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, го отфрли барањето на американскиот претседател, Доналд Трамп, за телефонски разговор, соопшти официјален претставник, јавува Агенција Анадолија (АА).
Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен, истакна дека Трамп упатил барање за телефонски разговор пред неколку дена.
Минатата недела, Белата куќа најави дека Трамп ќе се сретне во вторник со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со неговиот изборен ривал Бени Ганц, кој ја предводи центристичката Сино-бела партија. Тие ќе разговараат за изгледите на неговиот контроверзен мировен договор за Блискиот Исток, наречен „Договор на векот“.
Палестинскиот претседател во неколку наврати истакна дека го одбива планот на Соединетите Американски Држави (САД) бидејќи не се осврнува на прашањата за Ерусалим (Кудс), бегалците и границите.
Израелските Канал 12 и 13 истакнаа дека според планот на Трамп ќе се признае израелскиот суверенитет на речиси сите населби на окупираниот Западен Брег, кои се нелегални според меѓународното право.
Со тоа ќе се помести израелската граница признаена од САД кон исток во палестинска територија, а ќе биде признаен и израелскиот суверенитет врз цел Ерусалим , што Палестинците го бараат како главен град на својата идна држава.
Планот, исто така, наводно ќе признае демилитаризирана палестинска држава во подоцнежен период, но палестинските власти тешко дека ќе го прифатат планот, за кој Канал 12 вели дека ќе бара и разоружување на Хамас и палестинско признавање на Ерусалим како главен град на Израел.
Доколку планот се обелодени оваа недела, би се случило во период на судењето на Трамп за импичмент, и во период на гласањето на Кнесетот за евентуален имунитет за Нетанјаху во однос на три случаи за корупција.