Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu
25 Декември 2019•Ажурирај: 26 Декември 2019
ИДЛИБ (АА) - Поради нападите на режимот на Башар ал Асад и Русија врз Идлиб, во текот на последните 24 часа од подрачјето 2.000 цивили се принудени да мигрираат во близината на границата со Турција. Бројот на цивили кои се раселени од почетокот на ноември се зголеми на 217.000, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како резултат на нападите на режимот и неговите поддржувачи, од почетокот на ноември, и на копнената операција која започна на 20 декември, населението од јужниот дел на Идлиб продолжува да се иселува во близина на границата на Турција. Камерите на АА во местото Сармада ги забележаа илјадниците возила со цивили кои бегаат од нападите.
Цивилите во возилата носеа предмети оддома, како што се облека, ќебиња, душеци и прибори за кујна.
Директорот на Координацијата за дејствување во Сирија, Мухамед Халај, во изјавата за дописникот на АА истакна дека под итно треба да се обезбедат засолништа, шатори и ќебиња за оние што во дождливото време избегале од нападите.
„Податоците се ажурираат секој ден и секој час. Ги обработуваме податоците до кои можеме да стигнеме. Реалните бројки се над овие. Во последните 24 часа, 2.000 цивили се раселени. Бројот на цивили кои се раселени од почетокот на ноември се зголеми на 217.000“, нагласи Халај.
- Последна состојба во деескалациската зона во Идлиб -
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата.
Во моментов, популацијата на Идлиб, со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана на 4-5 мај 2017 година, Идлиб и околината ги прогласија за зона без судири. Турција и Русија, како резултат на кршењето на Договорот за прекин на огнот од страна на режимските сили, постигнаа дополнителен договор за таа област.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија повеќе од 1.300 цивили.
Бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција и во областите ослободени од операциите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“, за една година надмина 1 милион.