Ekipa
20 Октомври 2022•Ажурирај: 21 Октомври 2022
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Лиз Трас денеска поднесе оставка со што стана премиерка со најкраток стаж во британската историја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оставката на Трас следува по мини-буџетот креиран од нејзината Влада заснован на нејзините идеи проследени со пад на економијата и хаос на финансиските пазари, оставки и отпуштања во нејзината влада и „испарување“ на дисциплината и единството во владејачката Конзервативна партија.
Изборите за нов лидер ќе се одржат и ќе бидат завршени во рок од една недела, а дотогаш Трас ќе остане на позицијата.
Во обраќањето пред „Даунинг стрит“ 10, Трас истакна дека е избрана за премиер во услови на зголемување на сметките за енергија и со мандат да ја промени британската економија со низок раст.
„Го испорачавме [ветеното за] сметките за енергија за намалување на националното осигурување и поставивме визија за економија со висок раст и низок данок, и ги користиме слободите од Брегзит“, истакна Трас.
„[И покрај тоа] признавам дека со оглед на ситуацијата, не можам да го реализирам мандатот за кој бев избрана од Конзервативната партија.“
Трас рече дека разговарала со кралот Чарлс Трети и го известила за нејзината оставка како лидер на Конзервативната партија.
„Утрово се сретнав со претседателот на Комитетот, сер Греам Брејди. Се договоривме во текот на следната недела да има избори за нов лидер“, истакна Трас и додаде:
„Ова осигурува дека ќе останеме на патот да ги исполниме нашите фискални планови и да ја одржиме економската стабилност и националната безбедност на нашата земја. Ќе останам на позицијата додека не се избере нов премиер.“
Трас ја извршуваше функцијата премиер шест недели.