ИСТАНБУЛ (АА) - Првиот Форум за животна средина организиран од новинската агенција Агенција Анадолија (АА) започна во Истанбул со цел да се подигне свеста за климатската криза и за еколошките прашања.
„Се собравме денеска да ја споделиме потребата од борба за животната средина и против климатската криза од перспектива на медиумите под иницијатива на Агенција Анадолија“, рече Сердар Караѓоз, генерален директор и претседател на Управниот одбор на АА во обраќањето на Форумот со главна тема „Преобликување на наративот на еколошките и климатските кризи“.
„Се соочуваме со колективен непријател кој влијае на сите нас, без оглед на нашите разлики: еколошката и климатската криза“, порача Караѓоз.
„Како новинари не можеме да останеме настрана од ова прашање. Преобликувањето на наративот за животната средина и климатската криза не е опција за нас, тоа е наша одговорност. Според тоа, како да го преобликуваме овој наратив?“, праша тој.
Нагласувајќи дека Агенција Анадолија долго време се занимава со овие прашања, Караѓоз рече: „По долготрајни дискусии, неодамна ја формиравме „Зелената линија“, една од најсеопфатните медиумски платформи за прашања поврзани со животната средина и климата.“
„Нашата главна цел е да останеме одговорни за светот во услови кога природата и животната средина се уништуваат“, додаде тој. „Платформата „Зелена линија“ известува за климатските промени, зелената економија, нула отпадот и сториите поврзани за животната средина од сите аспекти.“
Истакнувајќи дека климатското новинарство треба да биде од поголемо значење за сите медиуми низ светот, Караѓоз рече: „Како новинари ние не само што информираме, туку и ја трансформираме јавноста откривајќи катастрофи предизвикани од човекот.“
„Од шумските пожари во Европа до исчезнувањето на дождовните шуми во Амазонија, му ја раскажуваме на светот трагедијата на климатската катастрофа со платформата „Зелена линија“. Но ние не ја пренесуваме само трагедијата, туку и приказните што ни даваат надеж“, додаде Караѓоз.
Toj истакна дека Форумот за животна средина ќе биде „одлична фокусна точка и за дискутирање за катастрофите предизвикани од човекот и за надежта од медиумска перспектива“.
„Новинарите, експертите и носителите на одлуки на Форумот за животна средина денеска ќе дебатираат за новиот наратив за животната средина и климатските промени“, порача тој.
„Профилите на учесниците на Форумот нѐ потсетуваат дека овие прашања нѐ засегаат сите нас. Од Зимбабве до Шпанија, од Сомалија до Албанија, од Норвешка до Италија, се собравме сите овде со иста грижа“, порача Караѓоз.
Тој изрази надеж дека Форумот за животна средина ќе биде пресвртница во чекорите преземени против климатската криза и дека ќе придонесе за попогоден свет за живеење.
Караѓоз порача: „Како Агенција Анадолија сакам повторно да ве потсетам дека ние не ја доведуваме во прашање потребата за акција. Ние инспирираме, дејствуваме, се менуваме и велиме, збор за подобар свет.“
- Туркије, лидер на глобално ниво за позитивни промени во климатските активности -
Поздравувајќи ја мисијата на Форумот за животна средина на Агенција Анадолија со која се преобликува наративот за животната средина, постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за Туркије, Луиза Винтон, рече дека учеството на највисоките државни претставници на Форумот „е од витално значење за ефективна акција за климатските промени на национално ниво“.
Винтон истакна дека тоа го покажува потенцијалот на Туркије „како лидер на глобално ниво... за позитивни промени“ во климатските активности.
Истакнувајќи ги предизвиците во мотивирањето на луѓето кон целта за заштита на планетата, Винтон порача дека заедницата се бори со тоа „како да се поттикне акција,... како да се подигне свеста, без да се создаде закана“.
Предлагајќи замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија, претставничката на ОН рече: „Треба да ја почитуваме природата“ и повика на обединет пристап на сите нивоа на власта кон климатските активности.
Винтон рече дека светот е во фаза „кога треба да дејствуваме за да ја минимизираме таа [климатска] промена и да се обидеме да ја промениме [во] иднина“. Се движиме кон нешто многу, многу застрашувачко“, рече таа, предупредувајќи на „самоубиствена војна против природата“.
Апелирајќи до владите да застанат на вистинската страна на историјата, официјалната претставничка на ОН нагласи дека токму тука „наративот на медиумите има клучна улога“.
Винтон, исто така, нагласи дека дејствувањето во однос на климатските промени е одлучувачки момент за Туркије.
Изразувајќи поддршка за Туркије во име на ОН и УНДП, Винтон истакна дека ратификувањето на Парискиот договор од Анкара минатата година е „една од најголемите и визионерски одлуки“.
Пофалувајќи ја целта на Туркије да биде лидер во Зелената револуција, таа истакна: „Тоа е многу, многу важен чекор“.
Порача дека Канцеларијата на УНДП тесно соработува со турското Министерство за животна средина, урбанизам и климатски промени, како и со останатите институции на турската Влада.
- „Туркије, одличен пример за тоа што можат да сторат државите против климатските промени“ -
Оваис Сармад, заменик-извршен секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC), на Форумот истакна дека е важно да се разбере „против што сме соочени и што може да се преземе“ во однос на дејствувањето против климатските промени.
„Климатските промени влијаат врз нас, без оглед дали сме богати или сиромашни“, рече тој, осврнувајќи се на раселувањето предизвикано од климатските промени со свежиот пример со поплавите во Пакистан.
„Значи, настаните како овој стапуваат на сцената. Навистина не треба долго“, рече Сармад, додавајќи дека во медиумите владее „умор од судбината и мракот“.
Пофалувајќи го Форумот за животна средина на Агенција Анадолија, претставникот на ОН истакна дека настанот е „важен бидејќи треба да се променат навиките. Затоа што има многу можности и позитивни аспекти на климатските промени“.
- Форумот за животна средина на Агенција Анадолија -
На отворањето на Форумот преку видеопорака се обрати турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Сесијата насловена „Одговорноста на медиумите во однос на климатските промени“ ќе биде модерирана од Јусуф Озхан, заменик-генерален директор и главен уредник на Агенција Анадолија.
Претставници на многу турски и странски невладини организации и меѓународни организации, политичари, академици и новинари учествуваат на настанот кој опфаќа сесии за Чистата енергија за одржлив развој, Пристапот на медиумите кон природните катастрофи и климатските кризи и споделувањето одговорност, како и прашања како климатските промени, енергијата, погледот на медиумите кон климатските промени и едукацијата за животната средина.
На настанот обраќање ќе имаат и турскиот потпретседател Фуат Октај и министерот за животна средина, урбанизам и климатски промени, Мурат Курум.
Се очекува првата дама на Туркије, Емине Ердоган, која го предводи националниот проект „Нула отпад“ од 2017 година, да го одржи завршниот говор.
Настанот има за цел да ја подигне свеста за прашањата од создавање нов јазик кај медиумите за еколошките и климатските прашања, меѓународните новински агенции кои ја подигнуваат глобалната свест, должностите на традиционалните и новите медиуми и тежнеењето кон еколошката свест.
Меѓу учесниците на Форумот се и поранешниот министер за европски прашања на Португалија, Бруно Мачес, генералниот директор на италијанската новинска агенција АНСА, Стефано де Алесандри, уредникот за клима и животна средина при Меѓународната новинска агенција АП, Питер Пренгаман и директорот за клима при шпанската новинска агенција ЕФЕ, Артуро Ларена.
АА Форумот за животна средина може да се следи и онлајн со регистрација на https://environment.aa.com.tr.
news_share_descriptionsubscription_contact
