свет

Пиринејскиот Полуостров се соочува со катастрофални пожари: Шестмина загинати во Шпанија и Португалија

- Според шпанските медиуми, во земјата се активни повеќе од 40 пожари, од кои две третини се концентрирани во регионот Кастиља и Леон.

Aida Cako  | 19.08.2025 - Обновена : 19.08.2025
Пиринејскиот Полуостров се соочува со катастрофални пожари: Шестмина загинати во Шпанија и Португалија

СКОПЈЕ (АА) - Шумските пожари на Пиринејскиот Полуостров продолжуваат да предизвикуваат големи штети, при што до вчера вкупниот број на жртви се искачи на шест лица – четворица во Шпанија и двајца во Португалија, јавува Анадолу.

Според дневниот весник „Ел Паис“, во Шпанија се активни повеќе од 40 пожари, од кои две третини се концентрирани во регионот Кастиља и Леон.

Брзата железничка линија меѓу Мадрид и Галисија е во прекин веќе пет дена, а затворени се 16 патишта.

Министерката за одбрана Маргарита Роблес во изјавата за Кадена СЕР истакна дека воената единица за итни случаи „никогаш не се соочила со ситуација како оваа во своите 20 години постоење“.

Според податоците на Европскиот систем за информации за шумски пожари (ЕФФИС), цитирани од РТВЕ, во Шпанија за осум месеци изгореле околу 346.000 хектари – најлоша бројка од 1994 година.

Шпанската метеоролошка агенција Аемет издаде црвена тревога за одредени региони, со очекувани температури до 44°C.

Системот за дневно следење на смртните случаи (MoMo) пријавил повеќе од 4.000 смртни случаи како последица на високите температури во 2025 година, од кои 931 само во август.

Во Португалија, според официјалните привремени податоци до 18 август, пожарите зафатиле 185.753 хектари – што е повеќе од целата изгорена површина во 2024 година, јави дневниот весник „Диаро де Нотисијас“.

Иако на некои места пожарите почнаа да се смируваат, градот Ковиља вчера издаде ново предупредување дека пожарот сè уште е надвор од контрола.

Над 80 општини во земјата остануваат во состојба на максимален ризик од пожари, според Португалскиот институт за море и атмосфера (ИПМА).

Поради зголемената опасност, Владата го продолжи четвртиот степен на специјална подготвеност, а до среда алармната состојба што е на сила од 2 август.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.