„Триесет земји работат на безбедносни гаранции за Украина“, изјави Марк Руте, шефот на НАТО
- „Последниве месеци, под водство на британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, група од 30 земји, меѓу кои Јапонија и Австралија, работат на концепт за безбедносни гаранции“,рече генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

ВАШИНГТОН (АА) – Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вчера изјави дека 30 земји работат на рамка за безбедносни гаранции за Украина, нагласувајќи дека САД сега се подготвени да се вклучат во иницијативата, јавува Анадолу.
Руте во интервјуто за „Фокс њуз“, по разговорите во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Владимир Зеленски и повеќе европски лидери, ги опиша дискусиите како „многу успешни“ и рече дека земјите се фокусирани на безбедносните гаранции што би можело да стапат на сила по прекинот на огнот или, по можност, по целосен мировен договор меѓу Русија и Украина.
„Последниве месеци, под водство на британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, група од 30 земји, меѓу кои Јапонија и Австралија, работат на овој концепт за безбедносни гаранции“, рече тој.
„Она што САД сега го кажаа е дека сакаат да се вклучат во ова. Точното значење на американското учество ќе се разгледува наредните денови“, додаде Руте.
Според него, Трамп вчера имал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, при што бил постигнат договор за средба меѓу Путин и Зеленски пред одржување на трилатерална средба.
„Тој успеа во разговорот со претседателот Путин да добие согласност за прво одржување средба меѓу Путин и Зеленски. Сега ќе дискутираат каде би се одржала таа средба“, рече Руте.
На прашањето дали биле разгледувани територијални отстапки од Украина, Руте одговори дека тоа прашање не било дискутирано во Вашингтон.
Тој, исто така, нагласи дека членството на Украина во НАТО не било дел од актуелните разговори.
„Официјалната позиција на НАТО од самитот во 2024 година е дека постои неповратен пат за Украина кон НАТО“, рече тој.
„Но она за што разговараме тука не е членство во НАТО. Разговараме за безбедносни гаранции од типот на член 5 за Украина“, додаде тој.
Руте ги даде овие изјави откако Трамп ги пречека него, Зеленски и неколку европски лидери во Белата куќа, каде што се дискутирало за следните чекори во дипломатските напори за ставање крај на конфликтот.
Меѓу лидерите што присуствуваа на разговорите вчера беа британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, италијанската премиерка Џорџа Мелони и финскиот претседател Александар Стуб.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.