Selen Temizer
22 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Во сенка на кршењето на примирјето од страна на силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад и одговорот на силите на сириската опозиција, утре во Женева започнува петтиот круг од мировните преговори во кои и понатаму ќе посредува ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
По едномесечна пауза, утре, на преговарачката маса во Женева повторно ќе седне делегацијата на главните актери со цел да се најде решение.
Примирјето во Сирија е договорено на 30 декември, со посредство на Турција и Русија. Режимските сили продолжија со нападите и злосторствата над цивилите, а силите на сириската опозиција во изминатите неколку дена започнаа да одговараат на нападите врз позициите на режимските сили.
Делегацијата на сириската опозиција не учествуваше на минатонеделните преговори во Астана, а како причина го наведоа фактот што силите не го почитуваат договореното примирје.
Петтиот круг од преговорите во Женева започнува утре, во атмосфера без многу оптимизам.
Портпаролката на канцеларијата на ОН во Женева, Алесандра Велучи, вчера соопшти дека во петтиот круг на преговорите ќе учествуваат делегациите што учествувале и во претходниот круг.
Преговорите и утре ќе започнат со одделни состаноци на делегациите на сириската опозиција и режимот со заменикот специјален пратеник за Сирија, Ремзи Изетин, а со состаноците в петок би требало да модерира специјалниот пратеник Стефан де Мистура, кој утре ќе престојува во посета на Турција.
Сѐ уште не е познато дали ќе дојде до директни преговори меѓу спротивставените сириски делегации.
На дневен ред на петтиот круг од преговорите во Женева ќе бидат четирите точки што претходно беа договорени. На претходната мапа на патот, која е дел од резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, предвидени се преговори за формирање на транзициска власт, подготовка на уставот и организирање на парламентарните избори во Сирија, а минатиот месец е додадена и четврта точка, која се однесува на преговорите за ефикасна борба против тероризмот.
И во продолжението на преговорите се очекува сирискиот режим и неговиот сојузник Русија да продолжат да инсистираат на јакнење на позицијата на вооружените групи блиски со Москва и со Каиро, а кои Русија сака да ги претстави како дел од сириската опозиција.
Делегацијата на сирискиот режим и нејзините сојузници Русија и Ирак заговараат да се фомира влада на национално единство, наместо транзициска влада, а на тој начин сакаат на власт да го задржат режимот на Асад, а на опозицијата ѝ даваат неколку министерства.
Делегацијата на сириската опозиција сѐ уште не се огласи за престојниот круг на преговорите, но треба да се очекува дека една од главните теми за кои ќе се разговара е да се прекине кршењето на примирјето.