свет

Пентагон: „Русите сакаат да ја разбијат „длабоката врска“ помеѓу Вашингтон и Анкара“

„Најголемиот подарок за Русија е да се создадат поделби во рамките на НАТО, но до тоа нема да дојде. Нашите односи со Турција ќе продолжат. Ние со Турција сме сојузници речиси 70 години“, порача Пахон, гласноговорникот на Пентагон

Zeynep Hilal Karyağdı, Said İbicioğlu  | 15.06.2019 - Обновена : 17.06.2019
Пентагон: „Русите сакаат да ја разбијат „длабоката врска“ помеѓу Вашингтон и Анкара“

ИСТАНБУЛ (AA) - Русија сака да извлече корист од несогласувањето на Соединетите Американски Држави (САД) и Турција за купувањето на С-400 и на тој начин се обидува да ја разбие „длабоката врска“ помеѓу Вашингтон и Анкара, порачано е од Пентагон, пренесува Anadolu Agency (AA).

Гласноговорникот на Пентагон задолжен за меѓународна политика, Ерик Пахон, во изјава за телевизијата „Ал-Хура“, која емитува вести на арапски јазик, го коментираше турското купување на рускиот одбранбен систем С-400.

Според неговите зборови, Москва настојува да оствари корист од несогласувањата (на САД и Турција) околу договорот за системот С-400 и на тој начин се обидува да ја разбие „длабоката врска“ помеѓу Вашингтон и Анкара.

„Најголем подарок за Русија е да се создадат поделби во рамките на НАТО, но до тоа нема да дојде. Нашите односи со Турција ќе продолжат. Ние со Турција сме сојузници речиси 70 години“, порача Пахон.

Додаде дека преговорите на линија Анкара-Вашингтон не се прекинати.

„Секако дека наша желба е Турција да го откаже договорот со Русија и да го земе системот „Патриот“, кој се користи во рамките на НАТО“, истакна Пахон.

Друг гласноговорник на Пентагон, полковник Мајк Ендрјус, задолжен за НАТО и Европа, изјави дека САД и Турција имаат стратешки односи.

„Нашата соработка со Турција се темели на различни цели. Имаме бројни заеднички воени вежби со турската војска. Координацијата со Турција не е ограничена само со програмата Ф-35“, порача Ендрјус, и додаде:

„Ако Турција во поскоро време би одлучила да го прекине договорот околу С-400, сите одлуки кои ги донесовме претходно, би можеле да се променат. Би можеле да се вратат. Во тој случај, Вашингтон би бил задоволен со новото вклучување на Турција во програмата.“

Турција од 2011 година го интензивираше јакнењето на воздушните одбранбени капацитети поради безбедносните закани во регионот.

По пропаднатите преговори за купување на американскиот противвоздушен систем „Патриот“, Турција во 2017 година одлучила од Русија да го купи софистицираниот одбранбен систем С-400. Таквиот потег на Анкара предизвика негодување на Вашингтон.

Низа американски воени функционери и аналитичари бараат САД да не ѝ ги испорачаат на Турција авионите Ф-35, ако Турција ги добие руските системи 2-400. Тврдат дека Русија така индиректно би можела да ги добие клучните параметри за американските бомбардери.

Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, рече дека купувањето на рускиот одбранбен систем С-400 за Турција не претставува прашање на избор, туку потреба.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.