Ihvan Radoykov
03 Декември 2020•Ажурирај: 04 Декември 2020
СОФИЈА (АА) - Поради пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) во Бугарија, на дневен ред во земјата се дискусиите за два месеци да бидат одложени изборите планирани да се одржат во март 2021 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Централната изборна комисија (ЗИК) на Бугарија, Тања Цанева, за медиумите изјави дека доколку нема подобрување во ширењето на епидемијата, и одложувањето на изборите ќе се најде на дневен ред.
Истакнувајќи дека засега „не е сосема јасно“ на кој начин граѓаните што се во карантин ќе можат да гласаат поради коронавирусот, Цанева изјави: „Во Изборниот закон, лицата со инвалидитет имаат можност да гласаат во мобилно гласачко сандаче, но ситуацијата не е јасна за лицата што се наоѓаат во карантин. Имаме време до крајот на март, одлуката ќе биде донесена во зависност од состојбата со пандемијата.“
Цанева додаде дека поради стравот од вирусот можно е да настанат проблеми во формирањето на комисиските тимови што ќе бидат на должност на изборните места.
Во Бугарија, со население од 6,8 милиони жители, во последните 24 часа се регистрирани 2.206 новозаразени, а од последици предизвикани од коронавирусот животот го загубија 159 лица. Вкупниот број на лица позитивни на Ковид-19 во земјата од почетокот на пандемијата достигна 151.913, а вкупниот број на починати е 4.347.