Ekip
03 Јули 2022•Ажурирај: 04 Јули 2022
РАМАЛА (АА) - Палестинските власти соопштија дека на американските официјални лица им го предале куршумот со кој е убиена новинарката на „Ал Џезира“, Ширин Абу Аклех, за да се изврши форензичко испитување, известува Агенција Анадолија (АА).
„Се согласивме да ѝ дозволиме на американската страна да изврши форензичко испитување на куршумот со кој е усмртена Абу Аклех“, изјави палестинскиот државен обвинител Акрам ал Катиб за телевизискиот канал Ал Џезира доцна синоќа.
Тој потврди дека куршумот нема да ѝ биде предаден на израелската страна.
Абу Аклех (51) е убиена на 11 мај додека известувала за израелскиот воен напад во близина на бегалскиот камп Џенин на окупираниот Западен Брег. Палестинските официјални лица и Ал Џезира соопштија дека новинарката ја убиле израелските сили.
Израел ја негираше одговорноста и ги повика Палестинците на заедничка истрага, што властите на Палестина го одбија.
Обединетите нации (ОН) претходно соопштија дека доказите покажуваат дека куршумот со кој е убиена Абу Аклех е испукан од израелските сили.
Израелската Војска во соопштението од 24 јуни ја критикуваше истрагата на ОН, поради, како што се наведува, пристрасноста, напоменувајќи дека Палестинците одбиваат на Израел да му го предадат куршумот со кој е убиена Абу Аклех.
Палестинскиот државен обвинител Акрам ал Катиб на 27 мај потврди дека новинарката е убиена со куршум кој пробива панцир, што директно во главата го испукал израелски снајперист.