Ekipa
26 Октомври 2017•Ажурирај: 27 Октомври 2017
КАРАЧИ (АА) - Според судските досиеја и известувањата на локалните медиуми, антикорупцискиот суд во Пакистан денес издаде налог за апсење со можност за кауција за поранешниот премиер Наваз Шариф, во врска со два корупциски случаи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Судијата Мохамад Башир го издаде налогот за апсење на трикратниот поранешен премиер поради постојано отсуство од постапката.
Шариф, кој моментно е во Лондон, каде што неговата сопруга се лекува од рак, веќе е обвинет во три различни случаи на корупција заедно со неговата ќерка Мериам Наваз и нејзиниот сопруг Мухамед Сафдар.
Судијата го одби барањето на Шариф за уште едно седумдневно изземање од постапката и предупреди дека ако поранешниот премиер не се појави на следната расправа, судот би можел да издаде налог за апсење без кауција. Судот ја одложи расправата до 3 ноември.
„Шариф не се појави пред судот затоа што е со неговата сопруга Кулсум Наваз, но ќе присуствува на следното сослушување“, изјави за новинарите Рана Санаулах, министерка за правда во покраинaта Пенџап и водач на владејачката партија Пакистанска муслиманска лига (Наваз).
Семејството на Шариф ги негираше обвиненијата и пред судот рече дека сите обвиненија за корупција се лажни.
Врховниот суд на Пакистан го распушти Шариф од функцијата овој јули, поради случајот со „Панамските документи“. Судот пресуди дека Шариф дејствувал на неверодостоен начин, со тоа што не пријавил плата од компанијата на неговиот син, кој се наоѓа во Дубаи, пред општите избори во 2013 година.
Главниот суд издаде наредба до Националното биро за борба против корупцијата да отвори неколку случаи против него, неговите деца, неговиот зет и против министерот за финансии, Ишак Дар.
Децата на Шариф, Хасан и Хусеин, кои имаат британско државјанство и престојуваат во Лондон, веќе се прогласени за бегалци. Партиските лидери велат дека тие нема да се појават пред судот за да се соочат со корупциските случаи бидејќи пакистанското право не важи за нив.
Судот веќе за нив двајцата издаде налози за апсење без кауција, поради нивното отсуство од постапката.
Според доказот што е поднесен до Националното биро за борба против корупцијата, Шариф има четири луксузни апартмани во Лондон, две металуршки комбинати во Саудиска Арабија и неколку офшор компании во Велика Британија.
Минатиот април, во случајот „Панамски документи“ се откри дека трите деца на Шариф поседувале средства на офшор-сметки кои не се прикажани во изјавата за имот на неговото семејство, вклучувајќи луксузни апартмани во Лондон.