Ivana Ramadanova
14 Декември 2015•Ажурирај: 15 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Според најновото истражување кое го има направено организацијата Глобален финансиски интегритет (Global Financial Integrity), во периодот од 2004 до 2013 година од Македонија во просек годишно незаконски се изнесуваат преку 5,168 милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето вели дека најголемиот одлив на нелегално стекнати пари се случил во 2008 година кога од Македонија излегле 928 милиони долари, додека пак во 2011 година од државата биле „испрани“ 834 милиони долари. Ако се земе периодот од 2004 до 2013 година, тогаш според истражувањето од Македонија се излеале околу 5 милијарди долари.
Според Global Financial Integrity станува збор за процена на украдени пари преку криминал, корупција и разни начини на даночна евазија. Во оваа сума не влегуваат парите украдени преку криминал, корупција и даночна евазија во готово. Од 149 земји во светот кои се опфатени во анализата, Македонија се наоѓа на 88-то место.
Кога е во прашање регионот, на скалата на земјите кои незаконски изнесуваат пари се најде и Србија која е на 35 место со 4 милијарди долари годишно во просек, Хрватска на 40 место, со просек од 3,5 милијарди долари, потоа следува Црна Гора на 105 место со 257 милиони годишно, Албанија е на 118 со 123 милиони долари годишно, додека пак Турција е рангирана на 12 место со излив на 15,450 милиони долари годишно.
Во целиот свет одливот на нелегално стекнатите пари годишно се зголемува за 6,5 %. На врвот на оваа листа се Кина, Русија, Мексико, Индија, Малезија, Бразил, Јужна Африка, Тајланд, Индонезија и Нигерија.
Најголем дел од парите се одлеваат од Азија 38,8% и од Европа 25,5 % (Албанија, Еремнија, Хрватска, Грузија, Казахстан, Косово, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Русија, Србија, Таџикистан, Белорусија, Бугарија, Азербејџан, Туркменистан, Турција, Украина, Узбекистан, Полска)
Податоците за ова истражување се собрани преку истражувањата на експертите на оваа организација, преку податоците на Светската банка, но и преку институциите надлежни за борба против корупцијата и криминалот во секоја земја посебно.
Истражувањето на Global Financial Integrity е направено врз база на анализа на податоци за меѓународна размена и платен биланс кои ги објавува Меѓународниот монетарен фонд. Организацијата Global Financial Integrity е основана во 2006 година во Вашингтоон и е непрофитна организација која подготвува истражувања и анализи за нелегалното одлевање на пари и дава препораки за спречување на перењето на пари.