Ivana Ramadanova
22 Март 2016•Ажурирај: 23 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на Програмата на УСАИД за антикорупција, спроведувана од Македонскиот ценатр за меѓународна соработка, денеска во Скопје се организираше конференција со наслов „Ефикасна борба против корупцијата на високо ниво: прашање на личност или на систем?”, јавува Anadolu Agency (AA).

На конференцијата присуствуваа Лаура Кодрута Ковеси, главен обвинител во националниот Директорат за антикорупција на Романија, Марко Зврлевски, Јавен обвинител на РМ, Катица Јанева, јавен обвинител во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите.
Свои воведни обраќања имаше и Амбасадорот на САД, Џес Бејли, како и Министерот за правда, Аднан Јашари. Целта на конференцијата е да се отвори дебата за тековните предизвици на Македонија во борбата против корупцијата на високо ниво.
Амбасадорот Џес Бејли истакна дека сите сме свесни за корозивната сила која ја има корупцијата, за која потпретседателот на САД, Џо Бајден, рекол дека е рак за едно општество.

„Каде што не се спроведува законот, таму се појавува корупцијата. Законот мора да се применува и да важи за сите. Казните не смеат да бидат политичка казна. СЈО има тешка работа и треба да истражува. Се надевам дека соработката на институциите со СЈО ќе се подобри. Ние сакаме да успеете во вашата борба против корупцијата” , истакна Бејли.
Според Министерот за правда, Аднан Јашари, корупцијата како криминален и социјален феномен во различен вид е пристуна секаде и е опасна поради штетата којашто ја причинува.
Шефицата на националната Дирекција за борба против корупцијата на Романија, Лаура Кодрута-Ковеси рече дека досега обвинила еден премиер, пет министри, шеснаесет пратеници и 97 градоначалници.

„Имаме 1.250 лица обвинети за среден и висок степен на корупција, а досега осудени се околу 970 лица. Имаме обвинето и 83 правни субјекти обвинети за истото дело. Имаме обвинето еден премиер, пет министри, 16 пратеници, 97 градоначалници, 15 претседатели на општински совети и 32 директори на национални компании. За една година баравме притвор и за судија на Уставниот суд, но и за 6 пратеници и двајца сенатори. Нашата Дирекција има голема доверба од народот. Осумдесет и седум проценти од пријавите се поднесени од граѓаните, со што се смени менталитетот на граѓаните кога сфатија дека може да имаат доверба во нас” , рече Кордута-Ковеси.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, пред присутните изјави дека СЈО има целосна автономија да ги истражува и гони сите кривични дела кои произлегоа од „бомбите“.

„Наша мисија е непристрасно гонење за да ја вратиме довербата на граѓаните во правдата и во правните вредности. Борбата против корупцијата не може да се спроведе без учество на јавноста. Кај нас секојдневно се обраќаат голем број граѓани на кои им се загрозени човековите права и закони од државни институции. Десет лица се обвинети за повреда на избирачкото право, 37 за злоупотреба на функцијата, 12 лица за повреда на слободата на избирачите, еден за повреда на тајноста на гласањето, 3 за злоупотреба на пари за кампања, еден за злоупотреба на лични податоци, двајца за присилба, 6 за неовалстено прислушкување, еден за шпионажа, еден за насилство врз највискоте функционери, тројца за изборна измама, еден за уништување на изборен материјал. Покрај тоа за 10 лица се води постапка за злосторничко здружување” , изјави Јанева.