Ivana Ramadanova
08 Февруари 2016•Ажурирај: 09 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Тимот на Програмата на УСАИД за антикорупција имплементирана од Македонскиот центар за меѓународна соработка и Транспарентност Македонија ги промовираше Студиите на случаи со ризици од корупција, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на овие студии е подобрување на политиките за антикорупција преку анализи на состојбите и укажување на случаи.
Александар Колекевски, кој заедно со Ана Чупеска се автори на студијата за АЕК, се осврна на Законот за електронски комуникации кој според авторите е хиперрегулирачки и има тенденција да воведе авторитарна процедуралност која е алатка за легализирање нелегитимни па дури и илегални активности.
„Ги испитавме годишните извештаи за работењето на АЕК и тие се во корелација со извештаите на ЕК. Една од спецификите во работењето на АЕК е префлувањето на вишокот пари во области кои се надвор од нејзините надлежности, и тоа е еден од предметите на критика и во извештајот на Европската Комисија. Покрај тоа АЕК троши милионски суми за реклами и веројатно тоа е единствениот ваков пример во Европа”, изјави Колекевски.
Како дел од студиите со ризици од корупција, беа спомнати и случаите на судир на интереси, бегалската криза и ризикот од појава на мито, корупција и организиран криминал, како и анализата на работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата.