Ivana Ramadanova
06 Мај 2016•Ажурирај: 07 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Трета недела по ред како граѓаните се собраа пред зградата на Специјалното јавно обвинителство за да го изразат незадоволството од одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на функционери обвинети за криминал и против одржување на изборите на 5 јуни, без како што велат, исполнети елементарни услови за тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите, денешниот мотив за продолжување на протестите е борбата против корупцијата.Со шарени балони, свирчиња и транспаренти со пораката „Нема правда нема мир“, демонстрантите од Шарената револуција се упатија кон Законодавниот дом.
Шарените балони беа пуштени во воздух како револт поради како што рекоа, молкот на Државната комисија за спречување корупција кон многуте случаи на корупција кои ги открија опозициските бомби.
На денешниот протест беше поставена импровизирана машина за перење на која беше испишана порака „Переме пари 24/7. Влада на Република Македонија“. Машината изработена од картон беше поставена како споменик во паркот спроти Собранието, а на крај беше и обоена.

Демонстрантите потоа се упатија до просториите на Државната комисија за спречување корупција која исто така беше обоена во боите на Шарената револуција.
Поминувајќи покрај Министерството за надворешни работи, демонстрантите се упатија пред зградата на Владата врз која вечерва се фрлаше со боја. И денешните протести поминаа мирно без никакви инциденти.
Протести на Шарената Револуција денеска имаше најавено во вкупно 19 градови низ Македонија. Демонстрантите децидно остануваат на своите барања поставени од самиот почеток, а тоа се повлекување на аболицијата и одложување на изборите.