Zehra Ulucak
21 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
АНКАРА (АА) – Поранешниот претседател на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва ќе излезе пред суд поради сомневање за корупција и перење пари, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од бразилските медиуми, обвинителството го прифати обвинението против Да Силва дека земал мито преку државната нафтена компанија „Петробрас“.
Обвинителот Серџио Моро, кој го води случајот против Да Силва, обвинет за земање мито во вредност од 1,1 милион долари, рече дека има доволно докази оти Силва е виновен.
Отфрлајќи ги обвиненијата, 70-годишниот Силва рече: „Ова е една голема комедија, голема лага. Овие случувања не ме погодуваат, туку ме охрабруваат само повеќе да зборувам“.
Федералната полиција во август побара од надлежните органи да започнат истрага против Лула да Силва и неговата сопруга, за наводно користење на фондовите на покраината Сао Паоло за градење станбен објект во приморскиот град Гуаружа. Да Силва во март беше назначен за генерален секретар на владата. Поради имунитетот што го носи неговата функција, нему може да му суди само Врховниот суд.
Против Да Силва, кој беше на претседателска функција од 2003 до 2011, беше поднесена тужба во првата половина на март, за наводно купување стан од една од најпознатите градежни фирми во државата, ОАЦ, со цел перење пари. Постојат сомневања дека во периодот 2003 – 2010, кога Дилма Русеф била претседателка на „Петробрас“, во компанијата биле проневерени 800 милиони долари, се правеле местени тендери и одговорните земале мито.
Во истрагата за „Петробрас“, која започна во март минатата година, уапсени се повеќе од 100 лица, меѓу кои раководителите на фирмата, поранешни пратеници и познати бизнисмени. Во овој процес, поранешниот генерален директор на „Петробрас“, Пауло Роберто Коста, беше осуден на 7,5 години затворска казна, додека поранешниот претседател на Бразил, Лула Да Силва беше вклучен во истрагата во почетокот на март.