Michael Hernandez
21 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - САД ја смета Русија за одговорна за воздушниот напад врз конвојот со хуманитарна помош на ОН, без разлика дали нападот бил извршен од страна на Москва или Дамаск, соопштија од Белата куќа вчера, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во секој случај, ние ја сметаме руската Влада за одговорна за воздушните напади во овој простор“, изјави портпаролот Бен Роудс за новинарите во Њујорк, повикувајќи се на обврските на Русија во рамките на националното примирје.
„Овој суров напад го сметаме за многу сериозен“, додаде Роудс.
Голем број медиуми јавуваат дека официјалните претставници на САД дошле до првичен заклучок дека руските авиони го погодиле конвојот во близина на Алепо.
ОН ја прекина доставата на помош по нападот, а генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун го нарече овој напад „болен, дивјачки и очигледно, намерно извршен напад“.
Русија го одрекуваше тоа велејќи дека сириските сојузници го извршиле нападот во кој беа убиени 12 лица, вклучувајќи ги хуманитарните работници и возачите на конвојот. Извештаите велат дека 18 од 31 камион се погодени.
Ова е најсериозниот предизвик за сирискиот прекин на огнот, кој дојде само неколку часа откако сириската Влада го прогласи договорот за истечен.
Русија и САД продолжуваат да работат на нивното усогласување.