Mustafa Çavuş
11 Февруари 2018•Ажурирај: 12 Февруари 2018
САМСУН (АА) - Поранешниот премиер на Република Турција, Ахмет Давутоглу, изјави дека актуелните случувања во Сирија јасно покажуваат дека некои кругови сакаат да ја поделат таа земја и да оневозможат спроведување на турската политика на интегрирање на Блискиот Исток, јавува Anadolu Agency (AA).
Актуелниот пратеник во турскиот Парламент од редот на владејачката Партија за правда и развој (AK Parti) Давутоглу, присуствуваше на собирот кој во Самсун беше организиран од Здружението за промоција на пријателството, образованието и културата (DOSTDER), и притоа ја коментираше актуелната ситуација во Сирија.
Нагласувајќи дека Турција никогаш немала проблем со сириските Курди, Давутоглу изјави дека ниту тековната турска воена операција „Маслинова гранка“ во Африн не е насочена против Курдите, туку против терористите.
Тој потсети дека припадниците на курдските племиња од Сирија пред 100 години биле составен дел и од османлиската војска.
„Сириските Курди се наши браќа, но јасна е целта на оние кои таму сакаат да ја зајакнат терористичката организација ЈПГ и како таква да ја искористат за да го скараат турскиот и сирискиот народ. Нивна цел е да ја ослабнат Турција и да ги скршат нејзините крилја“, порача Давутоглу.
Тој исто така истакна дека Турција испишала голема историска приказна на начинот на кој ги отворила вратите и згрижила милиони сириски бегалци.
„Бидете сигурни дека тоа што Турција го стори за сириските бегалци, нема да биде заборавено ниту за илјада години“, заклучи Давутоглу.