свет

Пакистан: Вклучувањето во „Одборот за мир“ на Трамп не значи пристапување во „Абрахамските договори“

- „Абрахамските договори“ се договори за нормализација потпишани меѓу Израел и неколку земји со муслиманско мнозинство за време на првиот мандат на Трамп

Amir Latif Arain  | 29.01.2026 - Обновена : 30.01.2026
Пакистан: Вклучувањето во „Одборот за мир“ на Трамп не значи пристапување во „Абрахамските договори“

КАРАЧИ (АА) – Пакистан денес соопшти дека вклучувањето во новоформираниот „Одбор за мир“, инициран од американскиот претседател Доналд Трамп, не треба да се толкува како чекор кон пристапување во „Абрахамските договори“, јавува Анадолу.

Говорејќи на прес-конференцијата во главниот град Исламабад, портпаролот на Министерството за надворешни работи, Тахир Андраби, изјави дека примарна цел на Пакистан со вклучувањето во „Одборот за мир“ е зацврстување и одржување на прекинот на огнот во Газа, поддршка на напорите за обнова и унапредување на праведен и траен мир заснован врз правото на Палестинците на самоопределување.

„Абрахамските договори“ се договори за нормализација потпишани меѓу Израел и неколку земји со муслиманско мнозинство за време на првиот мандат на Трамп. Во моментов, потписници се четири држави, меѓу кои Бахреин, Мароко, Судан и Обединети Арапски Емирати.

Андраби дополнително појасни дека вклучувањето во „Одборот за мир“ не сигнализира промена во надворешнополитичката ориентација на Пакистан, нагласувајќи дека вклучувањето во овој Одбор не е поврзано со какво било членство или учество во Меѓународните сили за стабилизација.

Тој истакна дека учеството на Пакистан треба да се гледа во поширокиот контекст на иницијативите на осум исламски земји насочени кон промовирање мир во Газа и работа кон трајно решение на палестинското прашање.

„Ставот на Владата останува дека дипломатските форуми или форуми за соработка не значат автоматски формални сојузи или договорни обврски“, нагласи Андраби.

Осврнувајќи се на страдањата, смртта и уништувањето со кои се соочува населението во Газа, тој изјави дека „Одборот за мир“ претставува „одржлива искра на надеж за Газа и поширокото палестинско прашање“.

Трамп официјално го претстави „Одборот за мир“ минатата недела на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, именувајќи 26 земји како основачи на иницијативата.

Меѓу основачите, од Блискиот Исток, Азија, Европа, Латинска Америка и Кавказ, се: Аргентина, Ерменија, Азербејџан, Албанија, Бахреин, Белорусија, Бугарија, Камбоџа, Ел Салвадор, Египет, Унгарија, Индонезија, Јордан, Казахстан, Косово, Кувајт, Монголија, Мароко, Пакистан, Парагвај, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Обединети Арапски Емирати, Узбекистан и Виетнам.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın