Sinan Doğan
24 Февруари 2025•Ажурирај: 25 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 8 лица загинаа, а 80 се повредени по уривање на покрив на ресторан во трговскиот центар „Реал Плаза Трухиљо“ во северозападниот дел на Перу, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека се урнал покривот на трговскиот центар во Трухиљо, третиот по големина град во земјата.
„Осум лица загинаа, од кои три деца, а 80 се повредени. Во спасувачката мисија мобилизирани се сите екипи за пребарување и спасување, вклучително и противпожарната единица. Започнавме истрага за утврдување на причините за овој трагичен инцидент“, објави Министерството за внатрешни работи.
Во соопштението на Центарот за вонредни операции (COER) се вели дека останал дел од покривот, но постои опасност и од негово уривање.
Се стравува дека е можно бројот на жртвите да се зголеми од уривањето на покривот на ресторанот, бидејќи на тој простор имало детски забавен парк и кино-сали.
Артуро Фернандез, поранешниот градоначалник на градот, изјави дека на 29 декември 2023 година наредил затворање на вториот по големина трговски центар во Перу поради структурни недостатоци.
„Им реков на граѓаните да не одат во Мол Плаза или Реал Плаза бидејќи безбедносните услови се несоодветни и времето покажа дека сум бил во право. Реков дека овој трговски центар е ризичен и претставува темпирана бомба“, истакна Фернандез.
Локалните медиуми објавија дека трговскиот центар кој бил затворен, повторно бил отворен седум дена подоцна, на 4 јануари 2024 година. Надлежните објавиле дека објектот ги исполнува бараните безбедносни услови и заклучиле дека одлуката за негово затворање е непотребна.
Јавното обвинителство во соопштението наведе дека е отворена истрага за утврдување на причините за несреќата.
- Претседателката Болуарте: „Истрагата треба да се спроведе целосно“
Претседателката на Перу, Дина Болуарте, истакна дека одговорните за уривањето на трговскиот центар треба да бидат најстрого казнети.
„Истрагата треба да се спроведе целосно и одговорните треба да бидат најстрого казнети“, рече претседателката Болуарте.
- Изјава од компанијата која стопанисува со објектот
Компанијата која стопанисува со трговскиот центар соопшти дека зградата ги поминала завршните технички прегледи и истакна дека фокусот е ставен на поддршката на семејствата на загинатите и повредените.
Оперативниот менаџер на Реал Плаза, Гарлет Родригез, за локалните медиуми изјави дека трговскиот центар ја поминал инспекцијата спроведена во септември 2023 година и дека не биле пронајдени структурни проблеми.
„Целосно соработуваме со власта и за потребите на истрагата ја обезбедуваме целата документација. Со целосна транспарентност ќе ги споделиме сите потребни информации“, изјави Родригез.