Furkan Abdula
05 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, учествуваше на Варшавскиот безбедносен форум, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија се наведува дека Османи на панелот насловен „ЕУ – кредибилен партнер за Западен Балкан? Научени лекции од глобалната пандемија“, говорел за солидарноста и соработката во контекст на пандемијата со Ковид-19, како и светот потоа, за националните и глобалните интереси во сферата на здравствената заштита, излезните стратегии, безбедносните предизвици, но и за геополитичките влијанија што ги предизвика пандемијата.
„Иднината на ЕУ и на Западен Балкан се неразделно поврзани, поради што предизвиците, како што е прашањето на справување со пандемијата, мора да бидат надминати преку заеднички и унифициран пристап. Пандемијата покажа дека концептот на безбедност мора да се редефинира и прошири. Тоа повлекува промени во нашите национални стратегии, но и промени во планирањето од страна на НАТО, поддржано и на последните министерски состаноци. Пандемијата воедно го потсети светот за важноста од вложувањето во јавното здравство и научната соработка и ни докажа колку сме поврзани и колку од нас бара заеднички пристап“, истакна Османи.
Тој зборуваше за досегашната поддршка и помош во справувањето со предизвиците на пандемијата, како во рамките на институциите на ЕУ, така и за билатерална поддршка, која, според него, во континуитет ја добива Северна Македонија.
„Во тој контекст напомена дека на самитот ЕУ и Западен Балкан, една од темите ќе биде за економскиот и инвестицискиот план за регионот, за создавање услови за инвестиции и развојни проекти, план кој треба да даде ново, силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, да поддржи зелена и дигитална транзиција“, се истакнува во соопштението.
Варшавскиот безбедносен форум (WSF) е водечка европска платформа посветена на трансатлантската соработка, фокусирана на изнаоѓање одговори на заедничките безбедносни предизвици. Конференцијата оваа година обедини над 1.500 учесници од 40 земји, меѓу кои шефови на држави, министри, водечки личности на меѓународни и невладини организации, високи претставници од бизнисот, медиумите, академијата и граѓанското општество.
Овој форум е во организација на Фондацијата „Касимир Пуласки“, во стратешко партнерство со НАТО, Бирото за национална безбедност на претседателот на Република Полска, а под покровителство на Министерството за надворешни работи на Полска. Настанот е коорганизиран со германскиот Маршалов фонд на Соединетите Држави.